Новиот е-дневник ќе биде достапен од второто полугодие или следната учебна година

Министерството за образование и наука изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата, со помош на финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европска унија, а ќе започне да се користи во текот на второто полугодие на тековната учебна година или на почетокот на следната. Со ова, од МОН очекуваат да бидат надминати сите предизвици и проблеми со кои претходно се соочуваа корисниците на е-дневникот.

Во новото софтверско решение интегрирани се сугестиите на наставниците, родителите на учениците и сите институции кои имаат пристап до системот и се очекува досегашните предизвици целосно да бидат надминати – се вели во соопштението.

Како што соопштија тие, првичните тестирања на новиот систем се веќе спроведени во координација на Министерството за образование и наука со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата. Истовремено се спроведуваат обуки за примена на новиот електронски дневник.

Обуките се посетени од страна на 40 училишни ИТ администратори каде најпрво софтверското решение ќе пилотира, како втора фаза од процесот на тестирање во текот на оваа учебна година. Обуките ќе продолжат во следниот период, со опфат на сите училишни ИТ администратори – најавија од МОН.

Откако ќе бидат исполнети сите услови, Министерството информира дека новиот систем ќе започне да се применува во сите училишта.

21.09.2023 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега