Истрагата за експлозијата што се случи во Монако, чија цел веројатно бил украинскиот олигарх Вадим Јермолаев, е фокусирана на жена во триесеттите години која живее во Германија. Весникот „Ле Фигаро“, повикувајќи се на свои информации, објави дека таа наводно го оставила пакетот со експлозиви пред неговата куќа.
Четири дена по експлозијата во Кнежевството, истражителите се обидуваат целосно да го реконструираат текот на нападот врз основа на снимки од надзорните камери.
Преку видео-надзорот е издвоено лице за кое се сомнева дека е вмешано во инцидентот, а на снимката се гледа како осомничениот носи голема црна капа, црн елек преку бела облека и бели патики.
Премиерот на Монако, Кристоф Мирман, претходно изјави дека експлозивната направа содржела завртки и барут и дека првично била разгледана можноста за терористички напад.
Сепак, главниот обвинител на Монако, Стефан Тибо, објави дека инцидентот не е класифициран како терористички чин, туку дека е покрената истрага за обид за убиство и поставување експлозивна направа на јавна површина.
Француските медиуми потврдуваат дека можна цел на нападот бил Вадим Јермолаев, бизнисмен по потекло од Дњепар кој сега поседува кипарско државјанство. Украина го санкционираше во 2023 година за наводни деловни активности на Крим, што тој претходно го негираше.
Во експлозијата сериозно беше повредена љубовницата на олигархот на која ѝ се ампутирани двете нозе, додека нивниот син помина со полесни повреди.
Првичните информации дека во нападот е тешко повредена сопругата на украинскиот олигарх брзо беа демантирани од надлежните служби.


