Светската здравствена организација денеска прогласи крај на епидемијата на хантавирус поврзана со крузерот „Хондиус“, соопштувајќи дека не се пријавени нови случаи од 25 мај.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека и последното лице кое било под опсервација го завршило карантинот, има негативен тест и се вратило дома, што ѝ овозможи на здравствената агенција на ОН и официјално да прогласи крај на епидемијата.

За време на оваа епидемија беа идентификувани и надгледувани повеќе од 650 контакти во околу 30 земји, а беа регистрирани вкупно 13 потврдени инфекции и три смртни случаи.

Неколку патници се заразија со реткиот сој Андис на вирусот за време на патувањето со луксузниот крузер „Хондиус“, управуван од холандската компанија „Оушнвајд експедишнс“, кој тргна од Аргентина во април.

Медицинските експерти појаснуваат дека варијантата Андис е единствениот познат сој на хантавирус што е способен за ограничен пренос од човек на човек. Хантавирусите вообичаено се шират преку глодари, најчесто преку честички од измет кои се пренесуваат во подигната прашина.

На бродот „Хондиус“ имало околу 150 луѓе од 23 земји, а пловилото се закотви на шпанскиот остров Тенерифе на 10 мај. По закотвувањето, на патниците им беше дозволено да се вратат во своите матични земји под посебни безбедносни мерки.

На крајот, од СЗО уште еднаш го оценија ризикот за пошироката јавност како низок и повторија дека нема закана од епидемија од големи размери или пандемија.

Exit mobile version