Нова средба на УПОЗ со Владата, очекуваат конкретна понуда за прекин на штрајкот

 

Претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска повторно се на средба со претставниците Владата откако минатата недела не беше донесена одлука за нивните барања. Претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски, во изјава за медиумите пред средбата рече дека денеска очекуваат конкретна понуда од страна на Владата што би значело и прекин на штрајкот.

-Барањата се исти, 78 проценти покачување на плати, враќање на додатоци на плати. Очекуваме конкретна понуда. Без конкретна понуда од страна на Владата, ние не можеме да пренесеме ништо на нашите членови кои штрајкуваат и протестираат, и реално одлуката дали ќе се прифати таа контра понуда ако воопшто ја има, останува на членството, рече Деановски. 

Добра понуда од страна на Владата, како што кажа, би значело прекин на штрајкот и враќање на работниците на работа.  

На прашањето што би значело добра понуда, Деановски рече дека тоа би било нешто во средина.

-Не би можел да кажам точно со проценти колку бараме. Ќе излеземе точно со нашите барања, реални се 78 посто и враќање на додатоци на плата. Доколку Владата даде некоја суштествена добра понуда, ќе одлучиме дали ќе ја прифатиме. Меѓутоа останува на Владата, рече Деановски. 

На прашањето дали очекуваат денеска да се донесе некоја одлука, Деановски одговори позитивно со тоа што, како што рече, ако нема понуда од страна на Владата постои опасност на приклучување на штрајкот во обвинителствата уште и од други институции.

01.11.2023 - 17:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега