Нова опасност се надвисна над областите во Непал погодени од катастрофалните поплави. Езеро создадено од наносите и одроните во близина на границата со Тибет почна да се прелева, поради што жителите во округот Расува во паника се упатија кон повисоките места, а спасувачките операции привремено беа прекинати.

Непалската армија ги запрела спасувачките операции, вклучително и летовите со хеликоптери, откако биле добиени информации дека водата од езерото почнала да го надминува природниот бедем. Очевидец на Ројтерс забележал жители како трчаат кон ридовите поради страв од уште еден силен поплавен бран.

Опасното езеро се формирало по огромните одрони предизвикани од катастрофата што во средата го погоди пограничниот регион меѓу Непал и кинески Тибет. Според последните информации, неговиот волумен надминал 2,5 милиони кубни метри вода, поради што властите внимателно ја следат состојбата и предупредуваат дека ново нагло излевање може повторно да ги погоди населените места и инфраструктурата низводно.

Бројот на жртви од катастрофата во Непал во меѓувреме се искачи на најмалку 469, додека стотици луѓе сè уште се водат како исчезнати. Вкупно, на непалската и тибетската страна исчезнати се речиси 1.000 лица, меѓу кои и повеќе од 500 странски државјани.

Првичните анализи покажуваат дека катастрофата била предизвикана од масивен колапс на глечер, по што огромна количина мраз, карпи и земја се урнала во речниот систем и создала разорен пороен бран. Водата, калта и камењата уништиле населени места, патишта, мостови, енергетска инфраструктура и објекти на важниот граничен премин меѓу Непал и Тибет.

Дополнителен проблем се новите врнежи што се очекуваат во регионот. Властите предупредуваат дека нестабилните природни брани и огромните количества нанос создадени од првиот удар можат да предизвикаат нови поплави и одрони, поради што населението во ризичните области е повикано да остане на повисоки и безбедни места.

Exit mobile version