Двајца мажи среде работно време украле вреден дијамантски ѓердан од Музејот за применета уметност во Виена, откако насилно ја скршиле заштитната витрина и побегнале со накитот.
Според австриската полиција, осомничените биле облечени во темна облека, а во инцидентот нема повредени посетители или вработени. По нив се трага, а полицијата објавила и фотографии од осомничените.
Украдениот ѓердан е изработен од познатата француска куќа „Van Cleef & Arpels“ и бил дел од голема изложба на накит во музејот. Станува збор за уникатно парче со 673 дијаманти, со вкупна тежина поголема од 200 карати.
Накитот има и богата историска вредност. Ѓерданот некогаш ѝ припаѓал на египетската кралица Назли, која го носела во 1939 година на свадбата на својата ќерка со иранскиот престолонаследник. Во 2015 година бил продаден на аукција во Њујорк за околу 4,3 милиони долари.
Австриските власти започнале опсежна истрага и се обидуваат што побрзо да им влезат во трага на крадците. Кај ваквите кражби дополнителен ризик е украдениот накит да биде расклопен, а дијамантите да се продаваат одделно, со што значително се отежнува неговото пронаоѓање.


