Може ли Србија и со ЕУ и со Русија?

Политиката и ЕУ и Русија, која Србија ја застапува во исклучително деликатна состојба предизвикана од кризата во Украина, нема да може долго да се брани, сметаат соговорниците на Танјуг, истакнувајќи дека, од друга страна, определбата на Србија за членство во ЕУ е недвосмислена, поради што не очекуваат поголем притисок од било која страна.

Директорот на фондацијата Конрад Аденауер во Белград, Хенри Боне верува дека се ближи моментот кога Белград ќе мора да престане да инсистира на неутралност и да испраќа неодредени сигнали, а професорот на Факултетот за политички науки (ФПН), Предраг Симиќ смета дека надворешната политика на Србија наскоро ќе биде на големо искушение поради заострената поделба меѓу САД и Русија, посебно во врска со украинската криза.

Професорот на ФПН Иво Висковиќ дури потенцира дека српската дипломатија и државното раководство се повеќе од зрели да се снајдат во корист на Србија во секоја евентуална состојба во која би се побарало да се определат.

Боне во изјавата за Танјуг рече дека неутралноста на Србија и овозможува голем потенцијал во решавањето на украинската криза, но дека повеќе нема да биде можно да се испраќаат такви сигнали. 

- Србија има добар однос со Русија, кој може да го употреби во разговори со Москва, за да се поправи односот меѓу истокот и западот. Прашањето за претседавањето во ОБСЕ во решавањето на украинската криза бара голема дипломатска вештина и мислам дека повеќе нема да може да се праќаат неодредени сигнали. Белград треба да заземе јасен и транспарентен став за сите учесници, смета Боне.

Тој додаде и дека Србија има доволно време да се подготви за претседавањето со ОБСЕ и да најде добра стратегија.

Неутралноста на Србија во текот на претседавањето со ОБСЕ, Симиќ го гледа како предност и потсетува на примерот на Швајцарија, која сега претседава и како неутрална на креативен начин се обидува да ја надмине заострената поделба меѓу Русија и САД.

Поради тоа, Симиќ наведува дека Србија кога ќе биде претседавач на ОБСЕ, треба во соработка со Швајцарија да го продолжи тој концепт, додавајќи дека смета дека тоа е она што Србија го сака.

- Самото претседавање со ОБСЕ нема да биде толку критично за Србија и нејзината неутрална позиција може да биде одредена предност, смета Симиќ, додека од друга страна, блискиот однос со Русија може да отвори извесно сомневање во Брисел и Вашингтон, посебно со оглед на тоа дека на Србија како кандидат за ЕУ и претстои отворање на првите поглавја во преговорите, но и донаторска конференција.

- Такво предупредување стигна од Вашингтон само еден ден пред доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи во Белград и тоа во вид на писмо од американскиот потпретседател Џозеф Бајден, кој на премиерот на Србија му честиташе два месеца по основање на владата, но и упати низа пораки кои можат да се протолкуваат како предупредување од САД дека Србија во ОБСЕ и генерално ќе биде сврстена покрај ЕУ, да биде кандидат за пример, рече Симиќ.

Тој затоа смета дека за Србија во овој момент би било најдобро да се угледа на Германија и нејзиниот однос кон украинската криза во Русија.

- Сместувањето крај Русија би значело влошување на односите со западот и сметам дека тоа беше основниот мотив за посетата на премиерот Вучиќ на Ангела Меркел, бидејќи со тоа на Србија е оставен маневарски простор, со оглед на тоа дека ни Германија не е подготвена да оди до крај во санкциите против Русија и настојува да ги задржи своите односи, вели Симиќ потенцирајќи дека во овој момент Берлин е единствена адреса на која Србија може да добие добар совет.

Професорот на Факултетот за политички науки Иво Висковиќ смета дека прашањето за определбата на Србија дали на исток или на запад, е вештачко прашање кое е само формално основано, со оглед на тоа дека Србија веќе се определи за пат кон ЕУ.

- По сите изјави на нашите лидери за ЕУ како основна цел, навистина тешко би било да се направи пресврт, со исклучок ако бидеме доведени во состојба да мораме да го направиме. Повеќето политички партии, политички лидери и граѓани се за приклучување во ЕУ и во таа смисла, кога се работи за приоритетите, сигурно е дека нема да правиме било каков пресврт, рече Висковиќ за Танјуг.

Тој додаде и дека не очекува од САД и Русија да ја злоупотребата позицијата на суперсили за влијанието на Србија во текот на нејзиното претседавање со ОБСЕ.

- Не очекувам дека САД и Русија ќе се обидат да ја злоупотребат позицијата на суперсила, за да ни вршат притисок и да не уценуваат да работиме за нив. Тоа никогаш не се очекува од претседателот на ОБСЕ, а притоа ние сме копретседавачи, заедно со Швајцарија. Па така, тешко може да се врши влијание и на нас и на Швајцарија за да пробуткаме некој посебен партикуларен интерес, рече Висковиќ.

Исто така, српската дипломатија и државниот врв и тоа како се зрели да се снајдат во корист на Србија во евентуална состојба која би ги поставила во таква позиција, истакнува Висковиќ.

Тој додаде и дека Русија знае оти Србија е свртена кон ЕУ и дека не и претставува проблем членството на Србија во таа заедница, туку во НАТО.

- Русија тоа веќе го знае и јавно изјави дека нема ништо против Србија во ЕУ, бидејќи тогаш таа би имала еден пријател внатре во неа. И тоа за Русија не е спорно, за неа е проблематичен односот на Србија со НАТО. Русија тоа не го сака, бидејќи таа НАТО го гледа како проблем, а не ЕУ. И во таа смисла сметам дека навистина нема никакви притисоци ниту страв од руската страна на Србија во врска со влезот на Србија во ЕУ, рече Висковиќ.

Генералната секретарка на Европското движење во Србија Маја Бобиќ исто така смета дека Србија веќе се определи меѓу истокот и западот и дека желбата на Србија да биде полноправна членка на ЕУ претставува вид на надворешнополитичка и вредносна определба.

- Тука едноставно нема дилеми и не гледам во овој момент дека постои друг интегративен процес кој е позначаен во стратешка смисла од овој процес. Од друга страна тоа не ја исклучува економската и друга соработка со земјите кои не се членки на ЕУ. Во таа смисла некои земји членки на ЕУ имаат многу развиени економски односи со Русија, рече Бобиќ за Танјуг истакнувајќи дека е јасно дека определбата на Србија е патот во ЕУ

26.06.2014 - 11:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега