Орбан: Македонија поскоро да ги стартува преговорите за членство во ЕУ и НАТО

 

Македонија што поскоро да ги започне преговорите за членство во Европската унија и да добие покана за прием во НАТО. Разговорите за името со  Грција не може да бидат пречка за евроатлантската интергација на земјата.

Oва го истакна унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој вчера во Парламентот на Унгарија ја прими наградата „Гоце Делчев“ што ја доделува Обединетата Македонска Дијаспора.

- Македонија се посвети на членството во ЕУ и НАТО, се подготви, ги заврши сите потребни задачи. Затоа неразбирливо е зошто Унијата и Северно-атлантскиот сојуз „гради“ еден таков долг кон балканската држава, што и покрај тоа што признава дека Македонија е подготвена за приклучување, сепак не ги започнува преговорите со неа, истакна Орбан.

Унгарскиот премиер во својот говор потсети дека и покрај тоа што со децении Македонците и Унгарците живееле во различен комунистички систем, сепак и двата народа страдаа од исти работи како недостаток на слобода, запоставување на националната култура и немање право на слободно движење. Затоа, рече, Унгарија поради „чувството на заедничката судбина" се залага за случајот на Македонија на меѓународната сцена.

Орбан посочи дека наградата за него претставува признание за цела Унгарија од страна на македонскиот народ.

- Ваквите награди го симболизираат и тоа дека борбата за слобода никогаш не е безнадежна, рече премиерот Орбан.

Претседателот на ОМД, Мето Коловски во своето обраќање на церемонијата истакна дека со наградата се оддава признание на ангажманот на Виктор Орбан за поддршка на напорите на Македонија за интеграција, како и неговата работа на планот на зацврстување на унгарско-македонските односи, особено на економско поле.

- Одлучни и добри пријатели сме и на Унгарија, нагласи Колоски.

На свеченоста, посочуваат од ОМД, по полчасниот состанок со премиерот Орбан, присуствуваа и  Елизабет Наумовски член на Советот на ОМД, како и Илјаз Фета вршителот на должност во Амбасадата на Македонија во Будимпешта.

Најпрестижната награда организирана од ОМД, која ги обединува Македонците низ целиот свет, се доделува на личности чија јавна дејност има големо влијание врз македонскиот народ.

26.06.2014 - 10:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега