Илија Димовски: Не правете им ќеф на тие што се радуваат на проблемите

Република Македонија е држава што и денес и во минатото се соочувала со огромен број предизвици. Впрочем, целата наша историја и кога сме имале и кога сме немале држава е испреплетена со долготрајни премрежиња и предизвици. Kомплицираниот историски товар што го носи на себе ова парче од Европа, како раскрсница на многу култури, многу војски, традиции и наследства никогаш не оставало простор за спокој и мирно управување со потребите и интересите и на нашиот народ и на сите останати народи околу нас. Да се раководи држава и да се учествува во одлучување за прашања од државен интерес на Балканот, многумина би се согласиле, денес е далеку покомплицирана работа од водење држава на мирниот север од Европа. Дури и да сте со најдобри мисли и намери, како вие така и останатите околу вас, тежината на ирационалната историја никогаш не дава можност за целосно ослободување од стегите на минатото и негово заборавање во моментите кога денес носите процени и одлуки за иднината.

Одговорноста на денешните политичари не се сведува ниту на бришење на спомените, ниту на негирање на историјата, ниту на нејзиното девастирање, напротив одговорноста на политичарите е базирана на потребата од пронаоѓање на многу нови и креативни начини за работа и соработка, како во внатрешните политички односи, така и во надворешните односи помеѓу државите на Балканот. Многу е едноставно да се скриете зад униформираната поделба на наши и ваши, но тешко е да ја најдете патеката на соработка и почитување. Многу е лесно да се бележите со ознаки и знамиња, но многу повеќе е одговорно да ги пронаоѓате темите кои се од интерес и на вашите и на туѓите и за нив без задршка и стереотипи да понесете одговорност.

Иако можеби ќе добиете впечаток дека сум имал намера да пишувам за односите помеѓу државите на Балканот, тоа не е така. За таа тема има и многу време и многу простор. Со оваа мала и сосема кратка порака сакам да предизвикам освежување на тронка меморија кај политичарите во Македонија кои денес повеќе или помалку ја носат одговорноста за генералните правци и напредување на државата. Поминаа изборите, граѓаните го покажаа правецот и ги посочија луѓето кој треба да одат напред по тој правец. Секој имаше право и слобода да се изјасни и да учествува во носењето на одлуката. Тоа и се случи, победата на политичкиот концепт на ВМРО-ДПМНЕ е неоспорна и недостижна во овие услови за ниту еден субјект, па ниту за СДСМ. Разликата во гласови е повеќе од евидентна и повеќе од потребна за да може секој да констатира за себе, но и да прифати дека таа одлука е навистина одлука на мнозинството граѓани кои учествувале на изборите.

Не го спорам правото на кого било да биде задоволен или да биде незадоволен од одлуката на граѓаните, но за мене сосема е неприфатливо и неразумно однесувањето кое стимулира и создава негација на целиот изборен процес и на целата демократија во Република Македонија. Извинете, но разлика од 200.000 гласа на избори во Македонија е разлика која значи апсолутна победа за едните и во исто време апсолутен пораз за другите. Демократијата е партиципативен процес во кој за секого има и мора да има место, но таа сама по себе подразбира и индивидуална, а и колективна одговорност. 

Однесувањето на опозицијата, односно на оној дел од опозицијата кој го претставува СДСМ денес, не се вклопува во ниту еден стандард на одговорно и совесно однесување во демократија. Ги видовме сите реакции на меѓународната заедница, почнувајќи со онаа на еврокомесарот Филе, преку пораките на амбасадорите и амбасадите на западните држави во Македонија, па с` до секојдневните апели кои до СДСМ стигнуваат од разни групи на европратеници и членови на Советот на Европа. Пораката е јасна, вратете се во Собранието зошто тоа е местото каде треба да се решаваат сите недоразбирања и проблеми во демократска држава, со потсетување дека колку многу или малку ќе успеете во тоа да ги презентирате или да се изборите за вашите ставови и позиции најмногу зависи од вас и од никој друг. 

СДСМ треба да излезе надвор од својот затворен свет на нереалности и да ја погледне реалната политичка база која секоја од партиите ја има зад себе. Не се потребни премногу анкети, иако тие се како ден јасни (вклучително и онаа последната на IRI каде односот на ВМРО спрема СДСМ е 34% спрема 10% поддршка), доволно е со отворен ум да се перципира и да се размислува и да се прифати она што им е значајно и што им е приоритет на граѓаните. Доволно е да останете во контакт со луѓето и од нивните зборови, од нивните гестикулации и од нивните совети ќе разберете дали вашиот пат е исправен или не.

Со жалење би сакал да потенцирам, без намера да обвинувам, дека однесувањето на СДСМ и креирањето проблеми нема да биде лошо сфатено од сите надворешни и внатрешни субјекти и структури. Се ми се чини дека има такви што се задоволни и среќни со огромниот јаз кој СДСМ го создава спрема ВМРО и со очигледните проблеми кои сака да ги предизвика. Иднината на државата најмногу зависи од одговорното однесување на власта, во тоа нема сомнеж, но многу, многу значајно е и однесувањето на голема политичка структура, односно опозиција во ликот на СДСМ и нивните коалициски партнери. За да не им правиме задоволство на оние што се радуваат на нашите проблеми, мора да смениме одредени норми во нашето однесување. На крајот се надевам сите работиме за доброто на Македонија.

Илија ДИМОВСКИ за Дневник

24.06.2014 - 11:00
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа