Се зголемува свеста кај граѓаните за злоупотреба на личните податоци
Дирекцијата за заштита на личните податоци одбележува девет години од работењето. Директорот на Дирекцијата Димитар Ѓеорѓиевски во интервју за МИА вели дека јавната свест кај граѓаните се зголемува и оти низ годините се повеќе се зголемува бројот на добиени претставки за злоупотреба на личните податоци од страна на граѓаните.
- Покрај помошта од страна на медиумите кои секогаш покажуваат интерес за правото на заштита на личните податоци, свеста кај граѓаните ја јакнеме и преку различни кампањи во одделни сектори за кои сметаме дека се најактуелни (телекомуникации, банкарство, осигурување итн), преку развој на различни наши иницијативи, како и постојано информирање на граѓаните преку давање препораки од областа на заштита на приватноста, вели директорот на ДЗЛП.
Низ годините може да се забележат различни сектори на кои се однесуваат претставките од граѓаните, но најчесто добиваат претставки за нарушување на приватноста на интернет, на социјалните мрежи.
Ѓеорѓиевски нагласува дека оваа 2014 година е значајна за Дирекцијата по многу нешта. - Во првата половина од годината бевме домаќини на две големи меѓународни конференции за заштита на личните податоци, со што покажавме кои се нашите капацитети, резултати кои ги имаме постигнато, како и професионалност во работењето. Спроведовме голема кампања за ажурирање на личните податоци на корисниците на вода, електрична и топлинска енергија, и организиравме кампања за заштита на личните податоци на граѓаните при осигурувањето. Продолжуваме со несмален интензитет и во втората половина од годината кога нè очекува организација на уште еден меѓународен настан, продолжување на активностите за подигнување на свеста за правото на приватност кај учениците и наставниците во средните училишта, модернизација на работата на Дирекцијата со воведување на online инспекција, како и многу други активности кои се планирани како најава за следните големи проекти, вели директорот на ДЗЛП во интервју за МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа