Зголемување на квалитетот и стандардите во сите нивоа на образованието
Реконструкција во околу 200 училишта, изградба на десетици нови спортски сали и училишта и набавка на 300.000 таблет-компјутери со тастатура. Ова го најави мандатарот Никола Груевски во образованието, образложувајќи ја пред пратениците предлог-програмата на новата Влада.
- Ќе се продолжи со стипендирањето за студии на светски реномираните факултети и со реконструкција на постоечките и изградба на нови студентски домови и кампуси, како и опремување на кабинетите и училниците со најсовремена опрема, истакна Груевски во експозето и додаде дека посебен фокус ќе се стави на иновациите и претрпиемништвото. Приоритети се и реформата на педагошките факултети и спроведување на проектот за замена на учебниците со нови од Универзитетот „Кембриџ“.
- Генерално кажано, во следните четири години ќе има голем фокус на зголемување на квалитетот и стандардите на сите нивоа на образование и зголемување на знаењето и креативноста која произлегува од него, истакна Груевски.
За досегашниот министер за образование и наука Спиро Ристовски, Груевски потенцираше дека дал беспрекорен придонес и дека и натаму ќе биде негов соработник во образованието, а верува оти и новиот министер во овој ресор ќе продолжи со крупни реформи и воведување повисоки стандарди.
Во однос на културата, истакна дека ќе се продолжи инвестирањето, промоцијата на културата и културните вредности.
- Владата ќе работи на заштита на македонското национално културно богатство, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура и нивна промоција во светот, како и целосна заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници во Македонија, додаде Груевски во презентацијата на приоритетите од програмата за идните четири години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа