Maкедонското слатко ќе добие уникатен дизајн

Производителите на слатко од Македонија ќе имаат единствена можност да добијат автентичен дизајн и брендирање на производите. Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“во соработка со Skopje Design Week, за прв пат оваа година започнува проект за брендирање на автентични национални производи. Целта на оваа иницијатива е да се поттикне креативниот потенцијал кај младите дизајнери, во функција на економскиот развој на земјата и подобрување на конкурентноста на македонските производи. На иницијативата ѝ се приклучи и Македонската Асоцијација на Преработувачи(МАП), која со своја логистика и техничка поддршка ќе даде значителен придонес во реализацијата на овој проект.

Сите заинтересирани компании од оваа дејност можат да се пријават на конкурсот кој ќе биде јавно објавен. Услов за учество во овој проект е компаниите да имаат сопствено производство и да имаат соодветен пласман. Пријавите за учество на конкурсот ќе бидат јавно достапни на интернет страниците www.bravosine.mk, www.sdw.mk и www.map.org.mk  

„Идејата на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ е да поддржи млади креативци и да даде поттик на нивната работа, но и да овозможи тие да ги стават во  функција своите  креативни решенија. Токму затоа одлучивме креативноста на младите да ја поврземе со автентични производи кои имаат голема потреба од создавање на сопствен бренд и креирање на своја комуникациска приказна. Овој проект ќе им  помогне на креативците, истовремено ќе ја подигне свеста за брендирање кај производителите и ќе придонесе кон подигнување на јавната свест за потребата од креирање на производ со идентитет“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, претставник на Движењето за поддршка за креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“. 

Пристигнатите пријави од заинтересираните компании ќе ги разгледа стручно жири, а избраната компанија ќе биде јавно објавена најдоцна на почетокот на следниот месец. На изработка на дизајн и брендирање ќе работат млади дизајнери од Македонија, кои ќе можат да се јават на огласот што ќе биде објавен по изборот на компанијата на чиј асортиман ќе се работи. Изборот на најдобар дизајн за македонско слатко ќе се одвива во соработка со Skopje Design Week (SDW).

„Главната цел на Skopje Design Week  е да ја подигне свеста за значењето и потенцијалот на дизајнот во секојдневниот живот и додавање на нова вредност на производите и во естетска, но и во вредносна смисла. Проектот за создавање на автентичен дизајн за една од компаниите што произведуваат македонско слатко е уште еден чекор во таа насока. Уверени сме дека интересот и кај компаниите и кај дизајнерите ќе биде огромен“, изјави Марта Наумовска Грнарова, претставник на SDW.

 

Сите пристигнати дизајнерски решенија ќе ги разгледа стручна комисија, а победничкото решение ќе биде наградено од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ со 200.000 денари.  Победничкиот креативен идеен проект ќе биде прогласен во рамките на годишното издание на Skopje Design Week што ќе се одржи во септември. Компанијата овие решенија ќе ги добие без надомест, со обврска да ги имплементира и производите да ги направи достапни на потрошувачите.

Македонската Асоцијација на Преработувачи даде поддршка на овој проект и сите нејзини членови ќе добијат можност да учествуваат на овој конкурс, но исти шанси ќе имаат и сите останати кои ќе ги пополнат јавно достапните пријави за учество на Отворениот повик.

„Македонските преработувачи на овошје и зеленчук имаат квалитетни производи, но најчесто им недостига додадена вредност токму во овој аспект на дизајн на амбалажа и потребни елементи врзани со тоа. Токму затоа мислам дека овој проект е вистинска шанса за многу компании што тежнеат да создадат врвен производ со сите потребни елементи“, изјави Сашо Ристески, извршендиректор на Македонската Асоцијација на Преработувачи.

 

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија - Иво Лауренчиќ. Голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академската заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион дадоа поддршка на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ во насока на исполнување на овие цели.

17.06.2014 - 13:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега