Младите преку ИКТ обука до полесно врабување

Младите  како да аплицираат за работни места, како да направат CV и како да побараат можности за вработување надвор од границите, но не да се преселат, туку да работат преку интернет е основна цел на обуката организирана од Мајкрософт Македонија и Центарот за иновации што денеска и утре се спроведува во Скопје.

На обуката, на која присуствуваат најдобрите студенти од сите приватни и државни универзитети во државата и млади невработени луѓе, ќе биде презентирана програма која треба да им помогне да се здобијат со ИКТ вештини и да изградат кариера и отворат нов (start up) бизнис.

- Основната идеја е преку програмите на Мјкрософт кои денеска ги презентираме да донесеме техологија, знаење, вештини, менторство и искуства кои ќе им помогнат на младите луѓе да ги реализираат своите потенцијали за да најдат вработување или, пак, да започнат свој бизнис, изјави генералниот директор на Мајкрософт Македонија, Стефан Плавјански.

Тој посочи дека Мајкрософт веќе има програми кои ги практикува во Македонија.

- Една од тие програми е имплементација на Office 365. Значи е ставена на располагање оваа платформа на студентите ширум државата преку која можат да комуницираат и колаборираат меѓу себе со научните организации и бизнисите, рече Плавјански.

Денешната обука, нагласи, е само една од серијата кои ќе следат и додаде дека во 2011 година повеќе од 75 милони млади луѓе во светот биле невработени што е два пати повеќе отколку кај другите категории.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски истакна дека на Македонија и се потребни повеќе настани како денешниот на кои ќе може да се продискутира кои се трендовите на пазарот на трудот во Македонија, Европа и светот.

- Нашите млади луѓе се многу селективни и не сакаат да работат се и за минимална плата. Од моето искуство можам да кажам дека истите тие луѓе кога ќе дојдат во САД не бираат работа и работат дури и на две, па и на три работни места истовремено и одвај преживуваат. Ако истото тоа го прават во Македонија ќе им биде многу подобро заради многу помалите давачки, рече Ивановски.

Тој порача дека не е срамота да се работи било што се додека не се стекне искуство за она што се посакува.

- Не е битно само да се добие добра оценка или диплома од некој факултет, туку е потребно да се стекне знаење. Добрата оценка или дипломата може само да ви биде препорака за првото интервју за работа или, пак, работно место, но доколку немате знаење тешко дека ќе го задржите, а воедно ви се стеснуваат и можностите за да добиете ново, бидејќи лошиот глас брзо се шири, порача Ивановски.

Тој истакна дека после завршувањето на македонскиот систем на образование неопходна е дообука за да се почене со работа. Затоа Владата, како што кажа, прави напори и воведува новини за образованието да продуцира кадар кој е способен веднаш да работи.

- Владата го стимулира запишувањето на техничките факултети зашто кадрите кои излегуваат од нив полесно можат да најдат работа и имаат повисоки примања. Сепак, пазарот во Скопје е заситен со кадри од ИКТ технологијата поради што ИТ компаниите како англиската Ендава, домашната Сивус и германската Т-системс нудат вработување на ИКТ кадри во градовите од внатрешноста. Согледувајќи го тоа отвораме нов факултет за продуцирање на вакви кадри на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола, рече Ивановски. 

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека  бројот на невработени во Македонија изнесува 28,6 отсто од кои половината се млади луѓе.

- Од друга страна во Агенцијата за вработување има 4.000 слободни работни места што е своевидна контрадикторност. Тоа покажува дека нашите млади луѓе не сакаат да работат било што. Една спроведена анкета покажува дека 85 отсто од младите сакаат да се вработат во јавната администрација. Можам да им порачам дека јавната администрација ја убива креативноста, рече Сарачини.

Тој истакна дека ако се прашаат младите луѓе зошто не започнуваат свој бизнис одговараат дека немаат пари за тоа. Појасни дека Министерството за економија веќе втора година спроведува проект за најдобри бизнис идеи кои можат да се преточат во бизнис план, а избраните пет најдобри бизнис идеи добиваат по 5.000 евра.

- Можете да имате милион идеи, но сите се безвредни ако не почнете ништо. Можете и да кажете дека 5.000 евра се малку за започнување бизнис, но јас можам да ви кажам дека 85 отсто од најуспешните бизниси во САД почнале со помалку од 5.000 долари, а најуспешните менаџери стартувале со минимална плата. Затоа не одбивајте работа и обидете се да го работите тоа што ќе ви го понуди некој за да стекнете искуство и да имате можност некој да ве забележи како работите. Бидете упорни и еден ден ќе успеете, порача Сарачини.

21.05.2014 - 13:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега