Историски чекор за МПЦ во Австралија

Надлежниот Митрополит за црковните општини кои се под јурисдикција на Синодот на МПЦ-ОА во Австралија, г. Тимотеј е на иста линија со Игор Аврамовски Александров,претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија, со која смета дека е постигнат значаен напредок во разговорите за регистрирање на Македонска православна епархија како правно лице во Австралија. 

Доколку се спроведе очекуваното, оваа епархија ќе биде првата во историјата на МПЦ која е регистрирана како правно лице надвор од Македонија, иако таков статус е предвиден за сите епархии на МПЦ во дијаспората, според Уставот на МПЦ. 

Г. Тимотеј е задоволен од постигнатата согласност со Александров околу содржината на нацрт-статутот за регистрирање на Македонска православна епархија како правно лице во Австралија.

Вели дека конечниот договор ќе зависи од Македонците од Австралија. Сигурен е и дека договорот за регистрирање на македонска епархија во Астралија ќе го прифатат и останатите владици во Синодот на Македонската православна црква.

Истото мислење го дели и Александров во однос на потврдување на согласноста постигната со г. Тимотеј од страна на македонските православни општини во Австралија, кои тој ги застапува.

Тој очекува измените на нацт-конституцијата, како и нацрт-статутот за епархија, што ги предложил владиката Тимотеј, да бидат прифатени од сите тамошни општини.

На последниот состанок владиката Тимотеј и Игор Александров ги усогласиле точките за регистрација на епархијата во која би членувале Македонските православни општини од Австралија, кои во декември 2012 година Синодот на МПЦ ги прими под своја директна надлежност, по нивниот шестнаесетгодишен отпор кон обидите на владиката Петар да им ги узурпира имотите и приходите. 

Александров вели дека нацртот, кој е резултат на преговори што започнаа во декември 2012 година, сега треба да го усвои собрание на делегати на општините кои би членувале во Епархијата, а да го одобри и Светиот Архиерејски Синод на МПЦ.

- Засега не гледаме објективна причина да се одбие нацртот, иако очекуваме владиката Петар да направи екстремни напори за да ја спречи регистрацијата на епархија на МПЦ како правно лице во Австралија, бидејќи тоа ќе се коси со лажната слика која тој досега ја создаваше за да оправда ставање на црковните имоти под негово лично име, како законски сопственик и наводен старател, спротивно на Уставот на МПЦ, објаснува Александров. 

Според него, ако некои од општините сега не ги прифатат усогласените нацрт-акти за регистрација на епархијата, заради нарушената доверба во Синодот на МПЦ предизвикана од односот на владиката Петар, сепак тоа ќе го сторат во догледно време, откако ќе се уверат дека г. Тимотеј делува со добра волја и нема да ја злоупотреби дадената доверба.

 

- Останува отворено прашањето околу новите тужби на владиката Петар против членството на црковната општина „Света Петка“ во Сиднеј, за одземање на нејзините имоти. Но, тоа прашање не е во надлежност на г. Тимотеј, туку треба да се решава на ниво на Синодот на МПЦ, каде треба да го постави поглаварот г.г. Стефан, додава Александров.

09.05.2014 - 14:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега