Кои се ги добија, а кои не уверенијата за избрани пратници

Заменик претседателот на Државната изборна комисија Субхи Јакупи денеска ги врачи уверенијата на избраните пратеници на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 27 април. Пратениците од СДСМ, како што најавија, не дојдоа да ги подигнат уверенијата, а на доделувањето не присуствуваа ниту претседателот на ДИК Никола Рилковски и членовите на Комисијата од СДСМ. Уверението, како што најави партијата, не дојде да го подигне ниту пратеникот на НДП.

Уверенијата од ДИК ги подигнаа новоизбраните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“, ДУИ и ДПА и ГРОМ. Уверението за избран пратеник го прими и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а на чинот на доделувањето не присуствуваа лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

За оние што не ги земаа уверенијата, Јакупи рече дека ќе им бидат испратени на домашни адреси на кандидатите.

ДИК, според Јакупи, досега не била известена, ниту усно, ниту писмено дека СДСМ нема да ги прифати мандатите.

- Вчера ДИК ги објави конечните резултати за претседателските и предвремените парламентарни избори и усвоивме извештаи, кои се доставени до Собранието, со мандати за секоја политичка партија и копија од уверенијата што денеска беа врачени. Сега се е во надлежност на Собранието, изјави Јакупи.

За неприсуството на претседателот Рилковски, Јакупи информира дека пред почетокот на доделувањето на уверенијата телефонски најавил отсуство и побарал од него да го замени.

Јакупи во име на ДИК им ги честиташе пратеничките мандати за периодот 2014 - 2018 година.

- ДИК направи се што е во нејзина надлежност да организраме фер и демократски избори и успеавме во тоа. Постапувавме според законот и уверенијата се изготвени како што се декалирале пратениците на која етничка заедница и припаѓаат, рече Јакупи појаснувајќи дека за пратениците од албанска националнот изготвени се двојазични на македонски јазик и на албански јазик.

Новоизбраниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски посочи дека резултатите на овие избори ја покажуваат волјата на граѓаните во Република Македонија. Довербата што на избраните пратеници им е дадена, рече, ќе ќе ја оправдаат оние, кои таа нивна волја ќе ја испочитуваат.

Претседателката на ДОМ Лилјана Поповска, која беше избрана за уште еден мандат за пратеник, изрази задоволство, од, како што истакна, изборите кои поминале во фер и демократска атмосфера и биле спроведени по високи стандарди.

- Верувам дека сите кои ја добивме довербата на граѓаните ќе се најдеме во Парламентот. Тоа е волјата на граѓаните и само на таков начин ќе има здрава и нормална атмосфера за работа. Опозицијата треба да размисли уште еднаш, бидејќи да се одбие мандат е сериозна работа. Сите субјекти вклучени во политичкиот процес треба да се свесни колку е важна улогата на Парламентот и да ја земат предвид ситуацијата во која се наоѓа земјава, регионот, па и пошироко, рече таа.

Додаде дека според нејзиното искуство не е можно групно враќање на мандатите, туку оти секој пратеник од опизицијата поединечно треба да го направи тоа.

Во име на ДУИ, пратеникот Џевад Адеми рече дека тие се вистинските победници на овие избори.

- Вистински победници на овие избори се ДУИ, бидејќи на предвремените парламентарни избори освои рекорден успех со 19 пратеници. Како учесници на изборите направивме се да биде во најдобар ред за да се одвиваат во фер и демократска атмосфера. Сметам дека сите треба да извлечат поука од ова и сите да се однесуваат слободно, рече Адеми.

Според официјалните конечни резултати на ДИК во идниот состав на Парламентот треба да  седнат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, 19 од ДУИ, 7 од ДПА и 1 од ГРОМ.  Опозицијата предводена од СДСМ освои 34 мандати, за кои најави дека нема да ги прифати.

Конститутивната седница на Собранието се очекува да биде свикана до крајот на неделава, откако спикерот Трајко Вељаноски официјално ќе го добие извештајот од ДИК дека предвремените парламентарни избори 2014 може да се сметаат за завршени.

07.05.2014 - 15:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа