Опаѓа бројот на заболени од грип- пријавени нови 93 случаи

 

Во текот на минтата 17-та недела (од 21 до 27 април) во Република Македонија пријавени се 93 новозаболени од грип, што е намалување од 11,4 отсто во однос на претходната недела и 29,5 проценти намалување во споредба со бројот на заболени во 17-тата недела минатата сезона.

Во однос на просечниот број заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, бројот на пријавени случаи е поголем за 2,8 пати.

- Интензитет на активноста на вирусот на грип е низок, продолжува континуирано да опаѓа бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип. Се регистрираат спорадични случаи на заболување, се наведува во соопштението од Институтот за јавно здравје

Во сезоната 2013/2014 (заклучно со 17-тата недела/2014 год.) вкупниот број заболени од грип во Републиката изнесува 28.946, што во споредба со истиот период од минатата година, е повеќе за 15,8 проценти.

Во текот на 17-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека во февруари се пријавени 49,7% од вкупниот број случаи во целата сезона. Во јануари се регистрирани 23,5% од заболените, во март – 21%, а во април – 2,5% од случаите.
 
Најголем број заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на Центарот за јавно здравје Скопје – 4.137 заболени и Центарот за јавно здравје во Прилеп - 3.980, а најголем морбидитет е регистриран во Подрачната единица Кавадарци.

 

Во однос на возрасните групи, во сезоната 2013/2014 најголем број заболени се регистрираат во возрасната група од 15-64 години - 65,2%, а најголем морбидитет (239,4/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст, стои во соопштението.

30.04.2014 - 17:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега