Пендаровски: Останувам ангажиран на страната на опозицијата

 

Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на прес-конференција денеска упати благодарност до, како што наведе, 400.000 граѓани на Република Македонија кои вчера гласаа за него.

Според него, вчерашните избори и целиот изборен циклус  не биле според европските и меѓународни стандарди во оваа сфера.

- Ние имавме вчера и во изминатиов период јужноамерикански избори од типот на оние коишто владееја во 50-тите години на минатиот век, во некои држави и денес, во коишто е исклучително тешко кој било поединец, која било индивидуа, кој било граѓанин, да ја покаже својата граѓанска волја и да го избере оној кандидат и онаа политичка структура за којашто сака да гласа, изјави Пендаровски.

Тој се заблагодари и за  неколкуте десетици илјади гласови од, како што рече, сограѓаните Албанци.

- Сакам да кажам дека јас претходно немав направено никаков политички договор кој било да ме гласа. Секој од овие гласови дошол затоа што конкретната индивидуа, односно личност, со име и презиме, сметала дека јас нудам подобар концепт. Меѓутоа со анализа на изборните резултати, јасно се гледа дека мојот противкандидат има добиено слична бројка на гласови во албанските средини, додаде Пендаровски.

Тој упати критики до претставниците на меѓународнатра заедница, кои како што оцени, се само пасивни набљудувачи на ретроградните политички процеси што се случуваат во Република Македонија. 

- Бројот на ваквите во наводници изборни победи воопшто не е гаранција дека сте на вистинскиот пат.  Можете да победувате колку сакате на вака организирани избори и тоа не значи дека Македонија оди во позитивна насока, тоа не значи дека Македонија станува подемократска земја, рече Пендаровски.

Најави дека останува и понатаму активно ангажиран на страната на опозицијата за да го брани, како што рече, концептот во којшто длабоко верува.

- Тоа е концептот што го бранев не само во оваа изборна кампања туку од кога знам за себе си и додека дишам, додека живеам, додека сум активен на политичката сцена, имам намера да го бранам без отстапки. Тоа е концептот на слободна Македонија, истакна Пендаровски.

28.04.2014 - 16:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега