Среќата и судиите пресудни: Вардар не успеа да стигне до Келн

Десетина секунди го делеа македонскиот ракометен првак Вардар од пласман на завршниот „фајнл фор“ турнир во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ предмалку во СЦ „Борис Трајковски“ го совладаа германскиот претставник Фленсбург со 27:25, доволно да се анулираат двата гола негатива од првиот дуел (22:24), но не доволно за конечен триумф. Германците одат во полуфиналната фаза поради повеќе постигнати голови на гостински терен, а решавачкиот го дадоа од седмерец на 12 секунди пред крајот.

Со огромна поддршка од седумилјадната публика, која не се предаваше ни по лошиот резултат од првото полувреме (10:15), Вардарци по само 15 минути во вториот дел изедначија (19:19), а потоа во неколку наврати имаа водство со четири голови разлика. На минута и пол пред крајот Вардар остана со играч помалку по исклучувањето на Михаил Чипурин, а тој момент се покажа како еден од решавачките.

Фленсбург успеа двапати да погоди и да не прими гол, доволно за пласман на завршницата во Келн.

Најефикасни во нашиот состав беа Матјаж Брумен со седум голови и Алекс Душебаев со четири погодоци. Страхиња Милиќ, кој бранеше само во вторите 30 минути запиша седум одбрани.

Пласман меѓу четирите најдобри во ЛШ покрај Фленсбург обезбеди и унгарски Веспрем по двете победи над ПСЖ. Денеска беше 31:26, а на првиот дуел во Париз 28:26.

Вечерва играат Барселона – Рајн Некар (31:38 прв дуел), а утре Кил – Металург (31:21).

26.04.2014 - 19:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега