Донирајте и вие средства за Домот на доенчиња во Битола
Во просториите на меѓународното училиште „Нова“ денеска ќе се одржи традиционалниот семеен базар, чија цел е собирање средства за да му се помогне на „Домот за доенчиња и мали деца“ од Битола.
Хуманитарниот настан кој се случува по осми пат, е организиран од учениците на „Нова“, нивните родители и професорите на училиштето. Оваа година настанот е организиран во партнерство со „Лајонс Интернационал”.
Целта на проектот е да се обезбеди хуманитарна помош за најранливите припадници на општеството.
Семејниот базар е дел од долгорочната определба на училиштето да обезбеди квалитетно образование кое вклучува развивање на свест за општествена филантропија од најмали нозе. Средставата ќе се собираат со продажба на уникатни сувенири и традиционални дела, како и книги од различна област на англиски јазик по многу пристапни цени. Воедно, посетителите ќе можат да го почувствуваат мирисот и вкусот на традиционалните кујни на повеќе од 10-тина земји од каде што потекнуваат учениците на „Нова“.
За време на настанот ќе се организира и лотарија со голем број на награди, а за најмладите посетители ќе биде организирано и детско катче. Учениците на „Нова“ на базарот ќе се претстават со свои музички и танцови точки.
Влезот на настанот е бесплатен и тој е отворен за сите заинтересирани хумани луѓе. Од досегашните семејни базари, училиштето има обезбедено помош за организацијата „Дајте ни Крилја“, Домот на доенчиња од Битола, Центарот за рехабилитација на млади, Домот за деца без родители „11 октомври“, невладината организација „Отворете ги прозорците“ и Детската болница во Скопје.
Минатата година, како што информираат од „Нова“ беа собрани приближно 5.000 евра кои беа донирани за изградба на Детскиот ургентен центар на Универзитетската Клиника за детски болести во Скопје, за две невладини организации поддржани од Ученичкиот совет и за библиотечниот фонд на училиштето
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа