Спасов: Вработувањето на младите еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ
Министерот за труд и социјала, Диме Спасов, денеска на прес-конференција истакна дека вработувањето на младите е приоритет за ВМРО-ДПМНЕ.
Во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ е вработувањето на младите. Тоа е наш приоритет и за таа цел е посветен значаен дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори. Младите се енергијата и силата на едно општество и токму затоа тие се нашиот приоритет.
За таа цел предвидуваме ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за млади лица, при што работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат невработени лица до 29 години возраст со полно работно време извесен период, ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување, односно ќе бидат ослободени од плаќање на 37% до просечна бруто плата цели 12 месеци со обврска да ги задржат младите уште најмалку 12 месеци, со оваа мерка значително ќе се зголеми бројот на вработувања на младите во Република Македонија.
Во програмата предвидуваме посебен оперативен план за активни мерки специјално наменет за вработување на млади со кој годишно ќе се вработат над 3000 млади лица. Овој проект има вредност од 150 милиони денари.
Тука се предвидува и прогрма за вработување Прва Шанса каде државата ќе го субвенционира вработувањето по моделот 3+6, кој предвидува 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и 6 месеци обврска на работодавачите да го задржат на работа или на негово место да вработат друго невработено лице. Со оваа Програма ќе се субвенционираат над 1.000 лица во времетраење од 3 месеци во износ од 13.000 денари бруто плата.
Преку програмата Практикантство на млади лица Владата ќе им помогне на маладите што поподготвени да се вклучат на пазарот на труд. За спроведување на оваа програма ќе се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување во период од 3 месеци, а предвидено е да се субвенционираат 2.000 невработени лица.
Дополнително ќе се реализира и програмата за самовработување со кредитирање за млади лица и програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании за млади лица. Со првата Програма за самовработување со кредитирање на млади лица на сите млади лица до 29 години кои сакаат да се самовработат ќе им се обезбеди можност за подигање на кредит во износ од 7.000 евра со грејс период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци.
Со Програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании на млади лица до 29 годишна возраст. Ќе се обезбеди можност работодавачите кои ќе учествуваат во Програмата да добијат кредит во износ од 4.000 евра за секое нововработено младо лице до 29 години.
Во следниот мандат исто така планирано е да се реализираат и повеќе проекти за поддршка на стандардот на младите и зголемување на нивната мобилност.
Почитувани,
Отворањето на нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните е нашата првенствена задача. Младите се во фокусот на нашето внимание, грижата за нивната иднина и овозможувањето на еднакви можности за напредок. Ова се мал дел од вкупно 2046 проекти содржани во нашата програма што ја прават разликата кои граѓаните ја препознаваат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа