2,5 милиони евра од Германија и Швајцарија за рамномерен регионален развој во Македонија

 

Јас сум оптимист дека дисбалансот во развојот на Македонија може да се реши преку политиката на рамномерен регионален развој, доколку за тоа постои заложба кај властите на национално и локално ниво, истакна Рајнхолд Бауерле, тим лидер на ГИЗ канцеларијата од Скопје при денешната посета на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Според него, во оваа насока, особено е важно да се направи оценка за досегашното функционирање на Законот за рамномерен регионален развој и да се согледаат слабостите на сите нивоа, што треба да биде основа за обезбедување пофункционален развој на регионите во Македонија.

Бауерле, кој од неодамна е на чело на Германското техничко друштво во Македонија, истакна дека во рамките на Европската унија, во новиот програмски период од 2013-2020 година, се преземаат сериозни програмски чекори за подигнување на степенот на развиеност на планските региони преку обезбедување поголеми фондови.

Во овој момент се водат разговорите за споменатиот програмски период, подвлече Бауерле, при што значајно е да се истакне дека за поттикнувањето и развојот на регионалната политика во Македонија постои расположение во Брисел, но за тоа треба да биде искажана посветеност и од македонска страна.

Ова, вели, особено во делот на средствата што за оваа намена се обезбедуваат од националниот буџет и кои, за жал, од година во година бележат постојано намалување, како и обезбедувањето сигурни извори за функционирање на центрите за развој во осумте плански региони во државава.

Во рамките на посетата, Бауерле, од страна на раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, беше информиран за тековните проекти што се реализираат. Се интересираше и за нивото на соработка со општините и посветеноста на новите градоначалници за учество во работата на Советот за развој, кој е еден од клучните субјекти за поефикасно функционирање на планскиот регион.

Во текот на следниве две години Германското друштво за техничка соработка, заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, планските региони во државата ќе ги поддржат со околу 2,5 милиони евра, пред се, во делот на поттикнувањето иновативни проекти во функција на регионалниот развој.

ФОТО: Утрински 

најчитано сега