Велика среда - денот кога Исус беше предаден

 

 

Кога грешницата миро принесуваше, тогаш ученикот со беззакониците се договараше. Едната се радуваше, трошејќи го мирото скапоцено, а другиот брзаше да го продаде оној кој нема цена. Првата Господа го запознаваше, а вториот од Господа се разделуваше. Таа се ослободуваше, а Јуда роб на ѓаволот стануваше. Подмолноста е лоша, покајанието е големо. Него дарувај ни го, Спасителе, кој пострада за нас и спаси нѐ“.

Силни зраци на покајание ја осветлуваат светата и Велика Среда! Тие изгреваат од срцето на жената грешница, која денес со најголема љубов и покајание излева миро на нозете Господови во домот на Симона Прокажениот. Колку е голема таа тајна! Грешница ги целива нозете, кои наскоро со клинци ќе бидат за крст приковани, за прошка на нејзините, но и нашите гревови. Колку големо и бесмртно дело направи оваа прекрасна жена, достојна за слава! Помазувајќи Го Христа со чистото скапоцено миро, помешано со најдрагоцени покајнички солзи, таа го подготви Неговото безгрешно Тело за погребение.

Навистина тоа била чудесна и пријатна глетка – архангелите биле обземени од трепет; херувимите и серафимите стоеле со страв, гледајќи ја големата смелост на жената, којашто со така пламена вера се допрела до нозете Господови; херувимот не се осмелува дури ни да Го погледне Бога, а жената грешница ги целива нозете Негови; серафимот со крилјата си го крие лицето свое, а жената грешница стои пред Господа отворено. Ангелите не можат да се приближат до престолот Негов, а жената со косите Му ги брише стапалата Негови.

Затоа божествениот Спасител не само што милостиво ја дарува со прошка на гревовите, туку и споменот нејзин го прави вечен. „Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен“ (Мт. 26, 13). И навистина, после славното Воскресение, кога евангелската проповед како величествена светлина се рашири по целата земја, тогаш и делото што оваа богоблажена жена го направи им стана познато на сите. Ете, тоа што некоја блудна жена со миро и солзи ги измила нозете Христови во куќата на некој лепрозен човек и во присуство само на дванаесет луѓе, се прославува по целиот свет и споменот за тој настан не исчезнува, иако оттогаш поминало многу време.

Но овој светлозарен евангелски пример на вистинско покајание, кој секогаш зрачи со толку голема надеж и утеха, не допрел до душата на Јуда Искариотски предавникот, бидејќи неговиот ум бил помрачен, а совеста умртвена од најтешката страст на среброљубието, коешто е корен на сите гревови. Тој не се уплашил од зборовите на божествениот Учител дека ова Евангелие ќе биде проповедано по сите краишта на земјата; не, тој направил ѓаволско дело токму тогаш кога жената покајничка Му укажувала најголема чест на Христа. Јуда во своите помисли веќе извршил предавство на Својот најголем Добротвор.

И токму поради ова најголемо предавство Јудино, светите и блажени отци на нашата Мајка Црква ни оставиле спасително предание да се воздржуваме и да постиме во секоја среда од годината, правејќи спомен на оваа најсвета Среда и потсетувајќи се така на предавството.

„Блудницата ги пружи косите свои пред Тебе, Господи, а Јуда ги пружи рацете пред беззакониците: таа – за да прими простување, а тој – за да земе сребреници. Затоа Тебе, Продадениот и Кој нас нè ослободи, Ти викаме: Господи, слава Ти“ (стихира од Вечерната на Велика Среда).

Извор: Бигорски.мк

16.04.2014 - 11:20
Фото: 
Сител

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега