Експертите не се изненадени од огромната разлика за ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ
Експертите не се изненадени од се поголемата разлика која ВМРО-ДПМНЕ ја има во однос на СДСМ, која беше евидентна во неколку последователни анкети, пишува Курир, потсетувајќи на последното истражување на Институтот „Павел Шатев“, објавено вчера, кое покажа дека довербата која ВМРО-ДПМНЕ ја ужива кај граѓаните се повеќе се засилува.
Според универзитетскиот професор Тања Каракамишева-Јовановска, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе дќе се зајакнува.
-Како што одминува изборната кампања, како што граѓаните се запознаваат со квалитетно сработената програма на ВМРО-ДПМНЕ така довербата расте, и очекувам уште да се зајакнува со оглед на фактот дека на другата страна имаме евидентно послаба понуда. Непобитен е фактот и мислам дека и најголемите противници и критичари на ВМРО-ДПМНЕ длабоко во себе го признаваат тоа, дека откако на чело на оваа партија е г-динот Никола Груевски, во Република Македонија за прв пат во политичката историја на државата се воспоставија сосема нови политички стандарди и сосема поинакви вредности во политиката кои до денот кога тие дојдоа на власт не беа практикувани на политичката сцена во Република Македонија. Новите политики на г-динот Груевски направија суштински промени и во перцепцијата на граѓаните за политиката и за политичарите. Една беше перцепцијата, пред, друга е перцепцијата, потоа, вели професорката за Курир.
Според неа, високиот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Груевски, се должи на победничкиот стил, на програмите и отчетноста кои тие го наметнаа.
-Стилот на политичко ветување кое го наметна г-динот Груевски со конкретни, обмислени проекти во кои има детални параметри по секој основ (цел, реализација, тајминг, финансиска конструкција итн.) пропратен со јасна политичка одговорност за секое дадено ветување, како и конкретна отчетност, е веќе препознатлив стил на ВМРО-ДПМНЕ кој граѓаните се повеќе го препознаваат како стил кој победува. Овој победнички стил е уште подоминантен и уште поконкретен во новата изборна програма која, како никогаш до сега, нуди рекорден број ветувања, па оттаму и уште повисоко ниво на политичка одговорност на водечката политичка гарнитура. Нема политички субјект, а уште помалку лидер на политичката сцена во РМ кој ќе може политички да се носи со вакви програмски решенија и со ваква содржина на политичка конструкција. Уште помалку гледам лидер кој на соодветен начин ќе може да му парира во политичката игра на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вели Каракамишева-Јовановска во изјава за Курир.
Каракамишева-Јовановска вели дека програмите кои ги нудат двете најголеми партии во Македонија исто така изиграа голема улога кај граѓаните, кога тие одлучуваат за тоа кому ќе му ја дадат довербата.
-Не треба да си врвен познавач на политичките прилики и состојби во РМ за да можеш да направиш споредба меѓу она што како изборна програма го нуди ВМРО-ДПМНЕ, од една, и она што ги нуди СДСМ, од друга страна. Не е само бројот на страници разлика меѓу двете изборни програми, иако и тој број не е за занемарување. Разликата е уште поевидентна во однос на оригиналниот пристап кој провејува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, кој е видлив во сите досегашни проекти и сопствени политики, проекти кои се автентични, македонски, кои произлегуваат од нашите потреби и нашите интереси, наспроти преземениот од Унијата модел на политика на столбови, кој патем речено е напуштен и од самата Унија, бидејќи се покажа како нефункционален. Разликата е очигледна и во однос на начинот на водењето на изборната кампања. ВМРО-ДПМНЕ со оглед на делата и проектите кои треба да ги претстави пред граѓаните е насочен претежно кон позитивна кампања, кон афирмација на своите успеси и своите идни проекции. СДСМ води многу повеќе негативна од позитивна кампања, многу време и енергија троши во анализите на тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ и кои се неговите грешки, отколку што се посветува на сопствената програма, на својата визија, вели професорката.
Резултатите на анкетите, вели таа, се само „завршен удар“, „очекувано финале“ на успешно осмислена и уште поуспешно презентирана изборна програма.
Инаку, за „Павел Шатев“ дури 27,4 отсто од испитаниците одговориле дека својот глас ќе го дадат за ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 27-ми април. 15,2 отсто од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за СДСМ, 6,9 отсто за ДУИ, 4,1 отсто за ДПА, додека 1,7 отсто за ГРОМ на Стевчо Јакимовски.
На прашањето во кој политичар вашата доверба е најголема, 27,8 отсто од испитаниците одговориле дека тоа е Никола Груевски, додека само 7,1 отсто за Зоран Заев. 34,9 отсто од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори, додека 14,1 отсто се со став дека тоа ќе биде СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа