Ѓоргиевски: Анкетите покажаа - граѓаните сакаат да бидам татко на Скопје

 

Во интервју дадено за порталот МКД.мк, Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вели дека Скопје е пред големи предизвици, но дека верува дека со рационално, транспарентно и енергично раководење може да стане град каков што граѓаните заслужуваат. Истакна дека му претставува исклучителна чест што истражувањата покажуваат дека ја има довербата на граѓаните за да ја преземе и оваа мошне значајна улога. Скопје е град со огромен потенцијал, но и со големи предизвици, вели актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.

Влегувате во последната година од вашиот мандат како градоначалник на Кисела Вода. Низ ваша призма, како изгледа трансформацијата на оваа скопска општина?

– Последната година од мојот мандат е финалето на сето она што заедно со мојот тим и со граѓаните го постигнавме. Ако во првата година, веднаш по преземањето на градоначалничкиот мандат влеговме со наследен долг од 3 милиони евра, во последната, четврта година влеговме со историски најголемиот буџет досега, што ни овозможи да планираме и реализираме повеќе капитални проекти од кога било претходно. Денес, со гордост можам да кажам дека 95% од предвидените проекти од мојата програма се веќе завршени. Тие опфаќаат инфраструктурни решенија кои беа долгоочекувани од жителите, како и проекти кои значително го подобрија секојдневниот живот – од изградба на улици и канализации до модернизација на јавниот простор и поддршка за предучилишното и училишното образование, спортот и културата.

И во оваа, последна година од мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, приоритет ќе бидат проектите кои директно ги адресираат потребите на граѓаните, затоа што сметам дека секој денар од буџетот треба да заврши токму таму каде што е најпотребно. Наскоро очекуваме нов повик од Владата за распределба на средства за општините, и јас веќе работам со мојот тим на подготовка на квалитетни проекти кои ќе обезбедат дополнителни инвестиции за Кисела Вода.

Она што е најважно е дека граѓаните се нашите партнери. Тие активно учествуваат во планирањето и со нивната поддршка, успеваме да реализираме иницијативи кои се од вистинско значење за општината.

 

Каква е соработката со Владата, особено како претседател на ЗЕЛС?

– Кога ја презедов функцијата претседател на ЗЕЛС, си поставив амбициозни, но остварливи цели: да постигнеме соработка со Владата, бидејќи со нејзиното претходно раководство воопшто ја немавме и да обезбедиме поголема поддршка за општините. Со задоволство можам да кажам дека во овој период постигнавме значителен напредок.

Еден од клучните моменти беше потпишувањето на меморандумот за соработка со Владата, кој со новиот премиер Христијан Мицкоски го остваривме веднаш откако се конституираше новата влада. Овој документ кој се чекаше повеќе од две децении и ја покажува нашата заложба за поефикасна локална самоуправа. Сметам дека улогата на ЗЕЛС е да биде мост меѓу општините и централната власт, и во таа насока, веќе реализиравме бројни иницијативи кои значат директна поддршка за граѓаните. Владата и локалната самоуправа денес делат исти вредности и идеи, и тоа е основата за долгорочен успех.

 

Рамномерниот развој и децентрализацијата често ги спомнувате како приоритети. Зошто се важни?

-Рамномерниот развој и децентрализацијата се клучни за напредокот на нашата држава. Како претседател на ЗЕЛС, јас цврсто верувам дека секој граѓанин заслужува исти услови за живот, без разлика дали живее во голем град или во помало населено место. Моите заложби како претседател на ЗЕЛС се насочени кон тоа општините да добијат поголеми овластувања и ресурси за да можат што посамостојно да ги решаваат локалните предизвици. Во текот на изминатиот период, во соработка со Владата, започнавме бројни иницијативи кои имаат за цел да обезбедат рамномерен регионален развој. Ова е неопходно за да спречиме миграции од помалите општини и да создадеме услови за подобар живот низ целата држава.

Со децентрализацијата, општините добиваат шанса директно да ги адресираат потребите на своите жители. Верувам дека ова е вистинскиот пат за Македонија – земја каде секој граѓанин ќе може да го оствари својот потенцијал без разлика каде живее. Соработката со Владата во оваа насока е извонредна. Споделуваме исти вредности и заедничка визија за развој на нашата држава. Ова партнерство ни овозможува да градиме систем кој е праведен, инклузивен и кој обезбедува поддршка за сите општини, без исклучок.

Граѓаните често ве споменуваат како можен следен градоначалник на Скопје. Како гледате на оваа можност?

– Довербата што граѓаните ми ја укажуваат е мојата најголема мотивација. Анализите кои покажуваат дека ја имам поддршката за еден таков предизвик се потврда за сето она што досега сум го направил. Јас ја оправдав довербата која ми ја дадоа граѓаните на Кисела Вода. Остваривме проекти кои ја трансформираа општината и ги решивме долгогодишните инфраструктурни проблеми. Скопје е пред големи предизвици, но верувам дека со рационално, транспарентно и енергично раководење може да стане град каков што граѓаните заслужуваат. Ми претставува исклучителна чест што истражувањата покажуваат дека ја имам довербата на граѓаните за да ја преземам и оваа значајна улога. Скопје е град со огромен потенцијал, но и со големи предизвици. Град кој заслужува раководство кое ќе биде блиску до своите жители, кое ќе ги слуша нивните проблеми и кое ќе работи на тоа да создаде средина каде граѓаните ќе можат да живеат достоинствено, каде секој денар ќе се троши рационално и каде јавната администрација ќе биде во целосна служба на луѓето.

Силно верувам дека најдоброто допрва доаѓа и дека со заеднички сили можеме да направиме значајни чекори напред. Скопје заслужува раководство со визија, ентузијазам и решителност, кое ќе го врати неговиот сјај и ќе го направи модерен европски град. Со посветена работа и тим кој верува во заедничката цел, можеме да ги надминеме сите предизвици и да создадеме град во кој сите ќе бидеме горди да живееме. Скопје може и мора да биде град на иднината, но за тоа е потребно силно лидерство и заедничка посветеност. Верувам дека заедно можеме да направиме значајни промени.

20.01.2025 - 12:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега