Џафери: Иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО
Министерот за одбрана, Талат Џафери, денеска на работилницата насловена „Регионални безбедносни закани, предизвици и можности“, истакна дека од перспектива на Република Македонија, НАТО е клучниот столб на современата евроатлантска безбедносна архитектура, а Европската Унија е главна движечка сила за демократски, економски и општествен развој на целиот европски континент. Во последната декада постигнат е голем напредок во безбедноста и сеопфатниот развој на сите земји од Западниот Балкан.
Додаде и дека Македонија во континуитет ги поддржува напорите на Алијансата и на Еу за развојот на демократијата, мирот и еднаквоста, во глобални рамки, а пример за тоа е и децениското учество во мировните операции на овие организации.
- Нашите мировници се наши најдобри ’амбасадори на мирот’ и повеќе од една деценија се распоредени во меѓународните мировни мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина, Ирак и Либан. Јас имам обврска да истакнам дека придонесот во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН останува висок приоритет за Владата на Република Македонија, толку долго колку што е потребно. Во тој дух остануваме посветени и на понатамошниот придонес во новата мисија ’Одлучна поддршка’ по 2014 година. Армијата располага со експерти за обука и советување во областа на воената полиција, врските, разузнавањето и други области, рече министерот Џафери.
Министерот оцени дека не постои ниту една земја која може самата да се справи со транснационалните безбедносни закани и поради тоа потребна е зајакната регионална соработка меѓу државите, државните институции, невладиниот сектор, експертската и пошироката научна јавност, со цел изнаоѓање на стратегии и механизми за справување со можните предизвици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа