Иванов: Наградата на ФАС е признание за Македонија и нашата демократија
Актуелниот претседател Ѓорге Иванов кој ја доби наградата на Фондот за американски студии, институт од Вашингтон за промовирање на лидерство во политиката и развој на слободата пазарната економија, вели дека тоа претставува признание за Република Македонија.
- Оваа наградата е признание пред се за Република Македонија и нашиот модел на демократија кој во регион полн со предизвици претставува успешен и позитивен пример. Ова е признание и за мојата посветеност во
негувањето и промовирањето на тој модел кој го нарекувам „интеграција без асимилација“. Особено ми е драго што наградата која се доделува го
признава вложениот труд во развивањето и унапредувањето на капацитетите на пазарната и конкурентна економија, по кои Македонија станува препознатлива во регионот, но и во светски рамки. Резултатите од овие спроведени реформи, кои ги призна институтот од Вашингтон, почнаа да се гледаат и на терен, во големиот број странски инвестиции и со отворањето нови работни места со современо, квалитетно производство, изјави претседателот Иванов по повод доделувањето на наградата на Фондот за американски студии.
Фондот за американски студии, основан од Чарлс Едисон, син на познатиот научник Томас Алва Едисон, има свои центри во САД, Европа, Азија и Јужна Америка, каде илјадници студенти ги учат основите на слободното пазарно општество и развојот на демократијата. Стивен Слатери, потпретседателот на ФАС, изјави дека претседателот Иванов ја заслужил оваа награда поради реформите спроведени во Македонија со кои се отвори простор за развој на пазарната економија.
- Го одбравме претседателот Иванов поради неговите достигнувања во промоцијата на економската слобода на земјата, сите успеси постигнати во намалувањето на даночните стапки, намалувањето на невработеноста, зголемувањето на транспарентноста и подобрувањето на јавното образование. Сето тоа го прави одличен пример за нашите студенти и за другите земји во светот. Ја следевме Македонија во изминатите пет години и може да се каже дека има постигнато многу големи успеси - на Индексот за економски слободи на фондацијата Херитиџ Македонија значително напредува, како и на другите индекси на транспарентноста, изјави Стивен Слатери, потпретседател на Фондот за американски студии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа