ДИК ќе одлучи како ќе изгледа гласачкото ливче за претседателските избори
Државната изборна комисија на денешната седница треба да го одреди изгледот на избирачкото ливче за претседателските избори.
Општинските изборни комисии најдоцна до полноќ на видно место треба да ги објават описите на избирачките места за претстојните претседателски избори. ОВаа година за прв пат, гласањето на 13 април за претседателските избори, а за две недели потоа и за предвремените парламентарни избори ќе се гласа на 3.480 избирачки места, наместо во 2.976 како досега. Нови избирачки места се 504, распоредени во повеќе делови на земјата.
Роковникот на ДИК предвидува учесникот во изборната кампања, до 11-от ден од денот на изборната кампања односно на 3 април да поднесе финансиски извештај за приходите и расходите на жиро - сметката за изборната кампања од денот на нејзиното отворање до десетиот ден од изборната кампања. Извештаите се поднесуваат на образец пропишан од министерот за финансии, а се поднесуваат до ДИК, Државниот завод за ревизија и од Државната комисија за спречување на корупцијата, кои се должни да ги објават на своите веб-страници.
Немоќните и болните лица кои сакаат да гласаат најдоцна до 5 април односно седум дена пред денот определен за гласање треба да ја известат Општинската изборна комисија. За избирачите кои се на издржување мерка притвор, овој рок е до 9 април.
Резултатите од испитувањето на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите односно до 7 април.
Рокот за доставување барања до ДИК за набљудување на изборите завршува на 2. април.
Кампањата за претседателските избори е во тек. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 13. април.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа