Иванов во Охрид: Со чист образ ја барам довербата од граѓаните

Европа во Македонија, Македонија во Европа. Држава и економија кои создаваат нови работни места, Македонија - дом во кој се гради благосостојба за сите. Тоа се целите што треба да ги постигнеме, за што ја барам вашата доверба. Ова вчера го истакна македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов кој ја трча трката за втор претседателски мандат.

- Пред пет години од ова исто место ви порачав дека со чист образ тргнувам да ја освојам довербата на граѓаните за избор на претседател на Република Македонија. Денес повторно од ова исто место со чист образ повторно ја барам довербата, за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност да работам за Македонија, истакна Иванов на трибината која ВМРО-ДПМНЕ ја одржа во Охрид.

Осврнувајќи се на сработеното во текот на досегашниот петгодишен мандат како претседател, Иванов нагласи дека реализирал повеќе од она што било предвидено.

- Бев гласот на граѓаните, каде и да одев. Остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Остварив повеќе од сто официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Упорно работев на остварување на нашите стратегиски цели, потсети Иванов.

Претседателот се осврна и на прашањето за името.

- Идентитетот ниту ни е даден, ниту е стекнат, идентитетот го имаме. Идентитетот е дел од нас и ние сме дел од него. Независно притисоците, блокадите, уцените, покрај сите невистини издражавме и ќе издржиме. Работите се менуваат и ќе продлолжат да се менуваат. Полека, но сигурно невистината се повлекува пред вистината. Јужниот сосед останува се поосамен пред вистината, нагласи Иванов, потенцирајќи дека за какво било решение или предлог по тоа прашање, ќе решава народот. - Способни сме и решени сме додека се движиме кон членството во Европската унија сами да ја создаваме Европската унија во Македонија. Реформите ги правиме за доброто на нашите граѓани, за доброто на нашите деца. Со секоја спроведена реформа, со секоја подобрена јавна услуга, ја правиме Македонија подобро место за живеење. Во наредниот период продолжуваме да работиме на истиот начин, да постигнеме преговорите да се сведат на чиста формалност, вели тој.

 

25.03.2014 - 09:21
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега