Македонија - прва земја во регионот што го изработи Третиот план за климатски промени

 

Македонија го изработи Третиот национален план за климатски промени со што стана првата земја во регионот што има изработено трет ваков документ. Во него се содржани препораки и мерки за адаптација кон климатските промени и обезбедување на зелен развој на локално, државно и регионално ниво.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој е и претседавач на Советот за одржлив развој, енергетската политика и политиката на здрава животна средина се еден од приоритетите на македонската Влада.

- Прашањето за климатските промени и одржливиот развој се високо на политичката агенда на Владата. Ефикасната и амбициозна цел за заштита на животната средина претставува суштински дел за модернизацијата на економијата на локално, државно и регионално ниво. Свесни сме за предизвиците во оваа област кои произлегуваат од нашиот кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ и посветени сме на исполнување на обврските, истакна вицепремиерот Пешевски.
 
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски оцени дека документот претставува чекор напред во зголемувањето на клучните сознанија за подготвеноста на државата да се справи со предизвиците од климатските промени.

- Квалитетот на самиот документ е на многу високо ниво и ги покрива сите аспекти поврзани со климатските промени кои се специфични за Македонија. Тематските извештаи се резултат на сеопфатни анализи кои ги правеа релевантни научни и стручни институции како што се Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали на МАНУ и УХРМ, релевантни експерти помогнати од стручни лица од министерствата. А изработката на документот за сите поглавја беше следена и финално одобрена од Националниот комитет за климатски промени, посочи Темелковски.

Третиот национален план за климатски промени е усвоен од страна на Владата на 27 јануари годинава. 

 

13.03.2014 - 13:43
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега