За влакно избегната трагедија во кафуле во скопски ГТЦ
Хуманоста на вработените и на случајните минувачи, спречи трагедија во Ирскиот паб во скопски ГТЦ, пишува весникот Вечер
Како што објавува весникот, еден од гостите во пабот, за малку ќе го голтнел јазикот. За среќа, неговиот брат со кој заедно седеле на маса забележал дека нешто не е во ред и викнал помош. Вработените во кафулето веднаш притрчале да помогнат.
Прва стрчала вработената која го видела целиот призор.
- Слушнав машки глас како панично викна "помош" и веднаш знаев дека нешто не е добро, се стрчав и што да видам, човекот паднат на земја помодрен и се гуши. Почна да ме фаќа паника, но успеав да останам при себе, дојдов над него и го свртевме на страна. Моите колеги веднаш се јавија на брза помош, а јас силно викав кон другите што беа тука за да му помогнеме дека ако не реагираме готово е. Така свртен, го фатив за вилица, видов дека му е укочена, му ставивме раце во уста за да не го голтне јазикот, почнавме да му ги масираме екстремитетите за циркулација и постојано му зборевме да не се плаши, дека сме со него. Многу се испашив , ама за среќа успеавме да помогнеме колку можеме додека дојде брза помош, изјавила за Вечер девојката која работи во кафулето.
Екипата на "Вечер" се нашла на местото на настанот во моментот кога од кафулето истрчала девојката и во паника прашала дали на улицата случајно има некое медицинско лице. Во меѓувреме, во кафулето, додека братот и вработените му помагале на човекот кој лежеше на земја во мака, случаен минувач ја забележал ситуацијата и веднаш влегол да помогне. Скопјанецот брзо реагирал, му ги ставил рацете во уста и со лажица го спречил човекот да го голтне јазикот.
Од брзата помош и понатаму ѕвонеле, одкаде информирале дека возилото веќе е на пат од Карпош. Оттаму им објасниле на вработените како да му помогнат на човекот.
- Мене ова не ми се случува првпат, досега неколкупати сум се нашол во ваква ситуација, еднаш се сеќавам на одмор му помогнавме на еден човек. Многу опасна работа, среќа не беше сам и имаше кој да му помогне, изјавил скопјанецот кој му помогнал на човекот кој се гушел.
Брзата помош пристигнала релативно брзо и лицето било пренесено на натамошен третман во болница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа