Притвор за приведените за кражбата во Музејот на Македонија

 

Триесетдневен притвор добија седумте лица кои беа уапсени вчера под сомнение дека ги украле вредните артефакти од Музејот на Македонија. Приведените се сегашни и поранешни вработени во Музејот, кои во повеќе наврати успеале да украдат 162 вредни артефакти и предмети.

На поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на културно наследство Паско Кузман, кој исто така е осомничен, му е продолжен куќниот притвор. Тој веќе издржува куќен притвор бидејќи е осомничен во случајот „Фаланга“.

Портпаролот на МВР Иво Котевски на вчерашната прес-конференција рече дека не е исклучено случајот да се прошири и со други лица, затоа што МВР е во тесна соработка и координација со Јавното обвинителство и постапува по нивните наредби.

- Пронајдени се 4 керамички икони, 3 керамички ламби, една керамичка монета, една глава на женска фигура на постоље, повеќе сребрени и бронзени фигури, повеќе монети и керамички археолошки предмети, една бронзена монета, дрвена маска и стрела, 8 археолошки предмети, метален прстен со изгравиран човечки лик, метален привезок и голем број други предмети, изјави портпаролот на МВР.

Паско Кузман е осомничен дека во неколку наврати подигнал предмети од Националниот музеј-Охрид  при што е изготвен реверс за повеќе копии на кои е потпишан в.д. директорот на музеј на Македонија, додека на една копија на која рачно се потпишани и двајцата, е евидентирана забелешка дека не се враќаат 14 подигнати предмети, туку само 5 археолошки предмети со реверс.

Меѓу другите утврдено е дека членовите на Комисијата за откуп на музејски материјал во неколку наврати вршеле незаконски откуп на монети, со што го оштетиле буџетот за 40 илјади евра. Златарот се товари дека изработувал реплики, а дали ги враќал и репликите и оригиналите, подвлече Котевски, во моментот не може да се потврди. Вмешан е и во незаконскиот откуп на монети.

Основното јавно обвинителство Скопје, во меѓувреме побара спроведување на истражна постапка и притвор за лицата В. З., К.С.С, Ј.П., К.Ч., К.П., К.Ј., К.Д., Е.А. поради основано сомневање дека од ноември 2011 година до октомври 2013 година сториле повеќе кривични дела поврзани со исчезнувањето на 162 артефакти од Музејот на Македонија.

- Основаното сомневање произлегува од досега прибавените докази, а особено од извршените претреси, одземените предмети и документација, поголем број инвентарни книги, влезни и излезни книги, депојна книга, извештај од археолошки ископувања, се вели во соопштението.

28.02.2014 - 13:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега