Парламентот во Украина ја ослободи Јулија Тимошенко
Парламентот во Украина одобри измена во Кривичниот кодекс, што ќе го овозможи ослободувањето на експремиерот Јулија Тимошенко по повеќе од две години минати во затвор.
Со 310 гласа „за“ и 54 „против“ пратениците ги изгласаа измените што го декриминализираат поведението за кое беше осудена Тимошенко. За одобрувањето на законот беа неопходни 226 гласа во 450-члената Врховна рада.
Законот декриминализира и редица други поведенија, опишани во неколку члена од актуелниот Кривичен кодекс на Украина, а на овој начин националното законодавство се унифицира со барањата на меѓународното право.
Согласно една од овие одреби во октомври 2011 година Тимошенко беше осудена на седум години затвор под обвинение за пречекорување на овластувањата при склучувањето на договорот за испорака на руски гас.
Во согласност со законодавната измена Јулија Тимошенко може да се ослободи, но засега не е познато кога тоа ќе се случи. Таа и натаму се лекува во болницата во Харков под будно око на чувари.
Парламентот во Киев денеска усвои и одлука за доделување државна помош за учесниците во масовните протести, како и за роднините на загинатите и ранетите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа