Стечајците од денеска можат да поднесуваат барања за паричен надоместок

Директорот на Агенцијата Влатко Поповски апелира барањата да се поднесат во законскиот рок од 30 дена, согласно измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица, што стапија во сила од денеска.

- Во наредните 30 дена сите заинтерeсирани граѓани кои сметаат дека се наоѓаат во оваа група ќе можат да поднесат  барања во 30 центри за вработување на Агенцијата за вработување и во 10-те дисперзирани канцеларии, рече на прес-конференција директорот на АВРМ Влатко Поповски.

Според него, граѓаните треба да го поднесат барањето лично, а основен документ што треба да го приложат е лична карта. - За да го остварат ова право граѓаните треба да се од доминатна државна сопственост  на фирми кај што им престанал  работниот однос, да имаат најмалку 25 години работен стаж на денот на престанокот на работниот однос во овие фирми утврден во М4 образецот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а во меѓувреме од престанокот во овие  фирми до денот на поднесување на барањето да немаат престанок кај друг работодавач по нивна волја и вина, појасни Попоски.

Агенцијата за вработување, укажа, ќе ги  прими сите барања и ќе донесе позитивни или негативни решенија зависно од тоа дали се исполнети условите. - Ќе може да се  поднесат барања  секој ден од 8:30 до 16:30 и не мора да се пополнува никакво хартиено барање однадвор. Барањето се поднесува директно во системот на АВРМ и подоцна се печати од нашите службеници, а подносителот треба само да го потпише, појасни Поповски.

При поднесување на барањето лицата треба да дадат изјава од која фирма бараат паричен надомeст. - Ако имаат неколку фирми, неколку престаноци,  треба да изберат кој  престанок е за нив валиден, кој е тој престанок за кој што бараат материјално обезбедување. Но, за да го остварат и користат  ова право во иднина требало во минатото да оствариле право на паричен надомест. Од она  што го видовме во системот скоро сите што се технолошки вишок, стечај и ликвидација, го оствариле правото и го користеле во минатото, така што нема да има проблем  ако поднесат барање да го користат ова право, доколку  фирмата од која бараат материјално обезбедување е во доминантна државна сопствeност, рече Попоски.

Имињата на фирмите, посочи, ќе бидат објавени веднаш штом Агенцијата ќе ги добие списоците од надлежната владина Комисија што треба да ги изготви. Ние зависиме од тоа  колку барања ќе се  поднесат и да видиме кое лице од која фирма е бидејќи некои компании имаат повеќе промени во историјата, биле државни, па приватни, па пак државни. Значи, важно е кога се случиле престаноците на работниот однос, дали била државна или приватна, истакна Поповски.

Правото на паричен надомест невработените  кои се опфатени со законот го остваруваат до вработување или пензионирање. Со добивање на надоместот престанува правото на парични примања по други основи  во Агенцијата за вработување.

Од Министерството за труд и социјална политика очекуваат со Законот да бидат опфатени околу 3.000 невработени граѓани односно стечајци или пак невработени по основ на технолошки вишок и ликвидација. 

МИА

21.02.2014 - 14:10
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа