Што пишуваат грчките весници за доаѓањето на Венизелос во Скопје?

Посетата на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос во Скопје е главна тема во грчките весници. Весниците пред се го истакнуваат коментарот на македонскито министер за надворешни работи, Никола Попоски дека двајцата министри не дале заедничка изјава затоа што на Венизелос, најверојатно му пречела позадината во македонското МНР.

 „То Вима“ пишува дека иако македонската Влада тврди дека „Атина има негативен став за почеток на пристапните преговори со ЕУ“, Венизелос одговорил оти последниот кој одлучува е Советот, а не Комисијата: - Венизелос ја потврди грчката поддршка за евроатлантската перспектива на Западен Балкан, а со тоа и на Македонија. Во овој контекст е и гестот со кој Атина покажа добра волја и даде ’зелено светло’ Скопје да добие статус на набљудувач во Агенцијата за фундаментални права, организација за човекови права поврзана со ЕУ, пишува весникот.

 

Во врска со прашањето за името, „То Вима“ заклучува дека, судејќи според се, нема никакво придвижување.

 

 

Според „Етнос“, за време на посетата на Венизелос, кој престојувал во Скопје во својство на претседавач со ЕУ, „во врска со прашањето за името се развило ’туркање на рака’ со тоа што македонските власти ја иксористиле посетата во политички контекст за да ја потенцираат постојаната бескомпромисна позиција“. Весникот, исто така, нагласува дека грчкиот министер не дал заедничка изјава со претставниците на македонските власти поради логото на нашето МНР на кое пишува Република Македонија, а бил принуден и да се вози од Приштина до Скопје, но и да се врати по истиот пат, за да избегне слетување на аеродромот кој се вика „Александар Велики“, а според  „Та Неа“, меѓу другото  македонските медиуми известувале со ироничен став за посетата на Венизелос, за кого во главниот град на Македонија биле воведени драконски мерки за безбедност. Весникот цитира некои македонски медиуми кои коментирале дека шефот на грчката дипломатија избегнал да слета на аеродромот „Александар велики“, го заобиколил автопатот „Александар Македонски“, но сепак спиел во хотел „Александар Палас“.

„Нафтемборики“ во својот извештај се осврнува и на изјавата на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов дека „не доликува на две европски соседни земји во 21 век да не комуницираат на највисоко политичко ниво“ и нагласува дека шефот на македонската држава ја повторил отворената покана за посета на грчкиот претседател на Република Македонија.

21.02.2014 - 13:45
Фото: 
лидер

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега