Новиот амбасадор во Египет решен да ја продлабочи севкупната соработка

Новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Арапската Република Египет Велибор Топаловски ќе работи на подобрување и зголемување на севкупната политичка и економска соработка со оваа арапска земја. 

Во своето претставување на платформата за дипломатските активности, амбасадорот Топаловски денеска пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика истакна дека тој ќе работи на надминување на проблемот со употребата на нашето уставно име, организирање посети на македонски државници на оваа земја, а најави дека по претседателските избори е планирана посета на министерот за надворешни работи на оваа арапска земја. Неговите активности ќе бидат насочени кон развивање на парламентарна соработка.

Особен акцент ќе биде ставен на развојот на економската соработка особено промоцијата на Република Македонија како поволна бизнис дестинација. Топаловски рече дека ќе ги промовира индустриските зони во Македонија и оти ќе информира за сите поволности што ги нуди државата за отпочнување бизнис. Приоритетно исто така е стапувањето во сила договорите за олеснување на економската соработка и размена.  

Македонија е во негатива во однос на трговската размена со оваа земја. Стопанската соработка изнесува 5 до 7 милиони долари.Топаловски вели дека сите договори што се вклучени со оваа земја до 2010 година не се влезени во сила, но дека неговиот претходник Миле Манолев ги довел до завршна фаза и оти тој ќе ја продолжи работата се до нивно стапување во сила со што би се отвориле и поголеми можности. На забелешките на опозицијата дека не е потребно роуд шоу, онака како што е планирано во платформата на дипломатските активности, Топаловски рече дека од искуството што го имал во Италија смета дека ваквиот тип на посети на повеќе градови и директни разговори со бизнисмените се многу корисни и треба да се организираат за да се промовира земјата и можностите што таа ги нуди.

Најави отворање на два нови почесни конзулати во Египет и на завршување на процесот на збратимување на Охрид со Александрија. Се согласува со констатациите на пратениците дека потребна е нова стратегија за соработка со Египет имајќи ги предвид промените што настанаа во оваа земја.

Амбасадорот Топаловски најави поинтензивно институционално поврзување на субјектите во туризмот. Пратеничката Лилјана Поповска сугерираше дека исто така тој треба да работи на пренесување на исксутвата што египетските туристички работници ги имаат стекнато имајќи го предвид фактот дека Египет е една од светските туристички дестинации.

Претходно Топаловски имаше отчетно обраќање за вршењето на должноста во Италија. Одговарајќи на прашањата на пратениците поврзани со македонските иселеници рече дека и покрај малиот број лица во Амбасадата во Рим биле вложени сите напори за да им се помогне на државјаните на Македонија.

Пратеничката Лилјана Поповска апелираше до Министерството за надворешни работи и го замоли амбасадорот Топаловски да укаже на неговите претпоставени дека буџетот на Амбасадата во Италија треба да се зголеми и исто така средствата за активности за зближување со македонските иселеници чиј број во Италија се проценува на околу 90 илјади.

Претставување на платформата за дипломатските активности денеска пред членвоите на собраниската Комисија за надворешна политика беше планирано да имаат и новоменуваните амбасадори на змејата во Словенија, Индија и Јапонија, Тони Димитровски, Тони Атанасовски и Андријана Цветковиќ.

20.02.2014 - 16:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега