ДИК го поништи гласањето на едно место во Охрид
Службите на ДИК треба да проверат дали бројот на гласови од ова избирачко место во Охрид ќе влијае на резултатите за избор на градоначалник.
Приговорот за гласањето во Охрид беше поднесен од СДСМ. ДИК продолжува на седница попладнево да ги разгледува и останатите приговори поднесени за гласањето на првиот круг на локалните избори во овој град.
Претходно, не беа прифатени 47 приговори за гласањето во Ресен, исто така поднесени од СДСМ.
ДИК, која започна со разгледување на приговорите вчера и е во постојано заседание, разгледа повеќе од половината поднесени забелешки за нерегуларности на изборниот процес од страна на политичките партии. Досега делумно се прифатени и со можност за прекршочни пријави или дисциплински постапки 12 приговори. Овие приговори се однесуваат генерално на прекршоци направени од страна на членови на избирачките одбори.
Рокот на ДИК за разгледување на над 400-те приговори завршува денеска во 19 часот, но се уште е неизвесно дали Комисијата ќе ги разгледа приговорите до тогаш имајќи ги предвид жестоките расправии меѓу членовите на највисокото изборно тело.
По завршувањето на овој рок политичките партии ќе имаат повторно 48 часа да поднесат тужби до Управниот суд чии одлуки се последни и конечни и по кои ќе се знае дали и каде ќе има прогласување.
Рокот на Управниот суд завршува во понеделник, а веќе во вторник или среда треба да се изврши печатењето на избирачките ливчиња за вториот круг од изборите што треба да се одржи на 7 април.