Димовски: 380 милиони денари финансиска поддршка за одржување на лозовите насади
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопнство Љупчо Димовски, денеска информираше дека исплатени се преку 380 милиони денари финансиска поддршка за одржување на лозовите насади и дека ветените субвенции се веќе на трансакциските сметки на лозарите.
- Задоволство ми е што токму на нашиот заеднички, а пред се нивен празник Св. Трифун, лозарите ја имаат можноста да си ги подигнат средствата, рече Димовски по закројувањето на лозјата во Лепово, Тиквешко.
Министерот истакна дека е задоволен од трудот во изминатите четири до пет години за консолидирање на ситуацијата во лозарството. Минатата година од винарските визби се откупени 168.000 тони винско грозје и дополнителни 25.000 тони произлегоа од винариите. Како никогаш досега имаме над 190.000 тони грозје во домашните капацитети, а многу мал дел беше извезен што е добро.
На закројувањето присуствуваше и хрватскиот министер за земјоделство Тихомир Јаковина кој од вчера е во посета на Македонија.
- Има многу простор за засилување на партнерството и реализирање заеднички проекти кон трети земји. Хрватска е подготвена да и помогне на Македонија на патот кон ЕУ и да ги сподели досегашните искуства за стратегиите за развој на винарството што може да се имплементираат и искористат тука, изјави Јаковина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа