Арнаудовска:Правилникот за одмерување на санкциите не ја загрозува независноста на судијата
Ratio-то на измените на Кривичниот законик е воведување на законски основ за Правилникот за одмерување на санкциите, а со цел за воедначување на казнената политика. Тоа е причината за донесување на вакви Упатства за казнување во сите земји, кои имаат адверзијален систем на кривична постапка како САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд..., вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска во интервјуто за МИА.
Со оглед дека со новиот ЗКП воведовме ваков систем и ние, потребно е, вели таа, за да заживее институтот на спогодување да се воедначи казнената политика, која досега беше шаренолика и ниска.
- Останатите причини се, намалување на големиот диспаритет на изречените санкции, помеѓу одделните апелациски подрачја, и дури и внатре во самите судови, редуцирање на судската дискреција, како и спречување на корупцијата, а во контекст на 4-от круг на оценка на ГРЕКО, кој на повеќе држави им наметна обврска да ја хармонизираат судската пракса, а за обвинителството, да воведат водичи и процедури за одмерување на казните, вели Арнаудовска за МИА.
Новата одредба, објаснува Арнаудовска, не го нарушува начелото на независност на судијата и слободното судиско убедување, од причина што и граѓаните не треба да трпат од разните казнени политики на одредени подрачја, а во конкретниот случај, правилникот ќе биде усвоен од претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, значи, самата судска власт ги донесува овие правила.
- Ова е добар инструмент за заживување на проктивната улога на обвинителите во духот на новиот ЗКП, бидејќи истите ќе имаат обврска на судот да му ги пласираат сите факти и докази, врз основа на кои, судот ќе изврши градација на олеснителните и отежнителните околности, вели таа.
Арнаудовска смета дека погрешно се толкува одлуката на Врховниот суд на САД, Букер против САД од 2005-та година, со која, Упатствата за казнување не се укинуваат, туку немаат повеќе задолжителен карактер, но и таа одлука е доста контраверзна, со оглед на начинот на кој се гласало (5 наспрема 4 гласа). Покрај тоа, додава таа, судиите во САД и покрај оваа одлука, се должни при одмерување на казната, да ги вкалкулираат, правилата од овие Упатства, инаку пресудата ќе биде преиначена.
- Без оглед што во некои кругови, многу се цитира оваа пресуда, истата е многу комплесна и всушност причината за нејзино донесување е сосема друга, а тесно поврзана со системот на порота во американскиот кривичен систем и докажувањето „над разумното сомневање“, вели Арнаудовска за МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа