Објавен огласот за субвенционирано вработување на млади лица до 29 години
Агенцијата за вработување денеска го објави огласот за субвенционирано вработување на млади лица до 29 години, со кој се планира да се вработат дипломираните млади лица до 29 години кои завршиле високо образование во студиската 2012/2013 година.
Министерот за труд и социјала, Диме Спасов, денеска информираше дека субвенционирањето ќе биде по моделот 3+6, кој предвидува три месеци субвенционирано вработување со полно работно време и шест месеци обврска на работодавачот да го задржи лицето на работа или на негово место да вработи друго невработено лице, а платата ќе виде 13.000 денари.
- Околностите наметнуваат постојано да се размислува за нови начини со кои за секоја категорија на невработени лица ќе се отвораат можности за вработување. Не постојат инстант решенија ниту еднократно решение на овој долгорочен проблем. Но, наша задача е системски да ја намалиме невработеноста, а невработените лица да вложуваат во себе постојано и да ги прифаќаат можностите што им ги нуди државата, истакна денеска на прес-конференција Спасов.
Денеска се објавени и огласи за обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување и обука за занимањата кои се бараат на пазарот на трудот од сообраќајната струка. Ќе бидат опфатени 170 лица, активни баратели на работа на возраст од 50 до 59 години, млади лица до 29 години со завршено основно или средно образование и долгорочно невработени лица. За реализација на мерката одвоени се 9 милиони 537 илјади денари од Буџетот на Република Македонија.
Обуката ќе трае до три месеци, а работодавачот ќе има обврска да вработи со полно работно време најмалку 50 проценти од оние кои ќе бидат вклучени во обуката. Невработеното лице ќе зема месечен надоместок од 5.700 денари со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. По завршувањето на обуката, ќе биде обезбедена субвенција за бруто плата на невработеното лице во висина од 13 илјади денари, а работодавачот ќе мора да го задржи на работа во следните 12 месеци додека трае субвенцијата или на негово место да вработи друго невработено лице.
Со обуката за занимања од сообраќајната струка ќе бидат опфатени 30-тина лица кои ќе се стекнат со правото да полагаат возачки испит за „Д“ категорија, односно за автобус по што ќе имаат можност да се вработат кај превозници кои имаат потреба од ваков кадар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа