Забрануват пушење во автомобил

Во Англија се воведува забрана за пушење во автомобил, доколку во него се возат и деца, соопшти денеска Даунинг стрит 10.

Во соопштението се вели дека забраната ќе стапи во сила „што е можно побрзо“ но во секој случај пред праламентарните избори во Велика Британија, предвидени за мај идната година.

Озаконувањето на непушењето во приватните возила во кои има деца, се предвидува да се најде меѓу мерките на владата, во традиционалниот говор на кралицата Елизабета пред двата дома на Парламентот.

Законот ќе се однесува и на Велс, доколку со тоа се согласи и владата во Кардиф.

Возачите кои нема да ја почитуваат забрната за пушење, ризикуваат парична казна,како и одземање на поените од нивната возачка дозвола.

Ваквиот закон беше усвоен со големо мнозинство во Долниот дом на Парламентот во Лондон, но предлогот за забрана за пушење и во возилата, ја подели британската влада. Дури четворица министри, сите од редовите на Конзервативната партија беа против. Со забраната не се согласуваат министерите за правда Крис Грилинг, за внатрешни работи Тереза Меј, за труд и пензии Иан Данкан Смит и за Северна Ирска Тереза Вилерс.

Кампањата за непушење во возилата ја покрена британската медицинска асоцијација во 2011 година.

Во образложението се вели дека чадот во автомобилите се задржува до 2,5 часови, дури и со отворен прозорец, а дека пушењето во автомобил ослободува дури 11 пати повеќе отрови отколку пушењето во бар или во паб.

Лекарите предупредуваат дека секоја година, околу 300 илјади деца бараат медицинска помош за болести како астма, проблеми со патиштата за дишење и со слушањето, како и смртност во колевка, кај бебињата, сите предизвикани од живеење во средина каде има еден, или повеќе пушачи. Над девет илјади од овие деца мора да бидат лекувани во болница.

Забрана за пушење во автомобил засега има во некои американски сојузни држави, како и во делови од Канада и Австралија

11.02.2014 - 13:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега