Грчкиот претседател го одби Иванов - нема да дојде на Самитот на ПСЈИЕ во Охрид
Грчкиот претседател Каролос Папуљас најверојатно нема да учествува на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што во рамките на македонското претседавање со Процесот ќе се одржи на 1 јуни во Охрид.
На прашањето на дописникот на МИА во прес-службата на грчкиот претседател, зошто Папуљас нема да дојде во Охрид, го добивме следниот одговор: - Се уште нема официјален одговор на поканата. Можеби во наредните денови ќе биде даден официјален одговор.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов уште во ноември минатата година му испрати писмо со покана на Папуљас за учество на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Охрид.
„Приоритетите кои беа поставени за време на нашето претседавање и средбите што ќе следат до завршниот Самит, уверен сум, ќе ја помогнат регионалната соработка и напредокот на целиот регион на полето на европските и евроатлантските интеграции“, вели Иванов во писмото до Папуљас.
Македонскиот претседател предлага учесниците на завршниот Самит да се фокусираат на две актуелни и тесно поврзани прашања од глобално значење: намалувањето на ризиците од катастрофи и адаптацијата кон климатските промени, како комплементарни концепти кои се дел од истата равенка, чие што решение мора заедно да се бара. Иванов истакнува дека климатските промени и ризикот од катастрофи се реалност на денешницата, но и реална закана за иднината. Закана која може да се отстрани само со исполнување на преземените обврски и бројни заложби на сите.
„Уверен сум дека интензивната регионална соработка на ова поле ќе ни помогне да изградиме регион поотпорен кон природните непогоди“, заклучува шефот на македонската држава.
Во истото писмо Иванов го информира Папуљас дека на 2 јуни ќе се одржи и 11-от по ред Форум посветен на дијалогот меѓу цивилизациите. Форум кој започна во 2003 година во Охрид и кој даде исклучителни резултати и непрекинато до денес се одржува во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа.
И грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос се уште нема официјално одговорено на поканата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за учество на самитот на министри за надворешни работи на земјите-учеснички на ПСЈИЕ кој ќе се одржи на 31 мај.
На последниот брифинг кај портпаролот на грчкото МНР, на новинарско прашање дали Аврамопулос ќе ја разгледа поканата од Попоски за учество на самитот во Охрид, Делавекурас рече дека програмата на министерот за мај се уште не е финализирана и затоа нема што да соопшти. Молкот од грчкото МНР на оваа тема, се уште трае.
Извор: МИА