Промовирани уште 14 наслови од проектот за превод на илјада стручни книги

Нови 14 наслови од владиниот проект за превод на илјада стручни книги од кои се учи на врвните универзитети во светот, беа промовирани денеска во читалната „1.000 книги“. Досега се преведени и објавени вкупно 874 книги.

Новите книги се од областа на медицината, ветерината, меѓународната политика, информатиката, земјоделството и од други научни области.  Меѓу новите наслови на денешната, 52-ра промоција од 2009 година, кога почна реализацијата на овој капитален проект, премиерот Никола Груевски  ја издвои книгата „Меѓународните односи и Европската унија“ на Кристофер Хил од Универзитетот Кермбриџ и Мајкл Смит од Универзитетот Лоубороу.

- Книгата ја проучува Европската унија како актер во меѓународните односи, ја проучува позицијата што таа ја поседува како сила на меѓународната сцена. Анализите во оваа книга  овозможуваат разбирање на начините на кои ЕУ произведува меѓународни активности, но и на патиштата по кои меѓународната димензија влегува во внатрешните процеси на создавање на политиката во Унијата, рече Груевски.

Премиерот ги посочи и учебникот „Наука за виното“, зашто нуди детална дискусија за теоријата и примената на практиките во лозарството и винарството, како и „Принципите на паралелното програмирање“ од Калвин Лин и Лоренс Снајдер, како корисен учебник за софтверските инженери зашто, како што рече, Владата посветува особено внимание на развојот на информатиката.

За унапредувањето на македонското здравство, пак, смета дека ќе придонесат пет нови наслови од медицината - Учебникот по хирургија на Сабистон, Нелсоновиот учебник по педијатрија, „Принципите на неврологијата“, „Клиничка радиолошка окнкологија“ и „Сексуално преносливи болести“.

- Сите овие книги ни нудат големо знаење и најактуелна литература од најпрестижните универизтети во светот. Нивното значење ќе биде големо, како за образовниот систем и научната фела во Македонија, така и за праксата во сите области од чиј домен денеска промовираме книги и учебници, истакна премиерот Груевски на промоцијата во читалната „1.000 книги“.

09.02.2014 - 14:54
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега