Новата чешка Влада именуваше на високи функции две лица со посебни потреби

Именувањето на Павел Бјелобрадек, кој боледува од мултиплекс склероза, и на слепиот правник Ондреј Заводски, на високи функции во новата чешка Влада го покажува на дело квалитетот на луѓето со посебни потреби доколку нивниот инвалидитет не се смета за хендикеп.

- Мултиплекс склерозата ми дава слобода и ми ги одреди животните приоритети, вели Бјелобрадек, лидер на Христијанската и демократска унија – Чехословачка народна партија (КДУ-ЧСЛ) и вицепремиер на новата чешка Влада кој со оваа засега неизлечива болест живее 13 години и за неа отворено зборува како за „придружничка“ која ќе биде со него до крајот на животот.

Бјелобрадек за поважно од здравјето ги смета меѓучовечките односи оценувајќи дека „и болниот човек може да има квалитетен живот доколку има квалитетни меѓучовечки односи и ако живее во средина со луѓе кои го сакаат таков каков што е".

Триесет и четиригодишниот правник Ондреј Заводски, кој е новиот заменик министер за финансии не ја крие храброста и своите амбициозни планови во врска со борбата против корупцијата.

Иако е слеп од раѓање и ќе му треба помош кога ќе се движи во зградата каде што ќе ја извршува новата функција сепак тој е познат како човек кој не се плаши да зборува за нечесност и корупција.

Претходно работел во Министерството за внатрешни работи од каде и бил принуден да си замине откако предупредил на сомнителни корупциски зделки.  Во новата Влада има намера да се посвети на регулација на коцкањето и игрите на среќа.

Заедно со Заводски во Министерството за финансии ќе биде и неговиот 12-годишен асистентски пес, златниот ретривер Чико. Заводски ќе работи на компјутер со посебна програма, која за него ќе ги чита документите.

09.02.2014 - 13:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега