Г.г. Кирил: Ќе вложам напори за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА

Патријархот на Руската православна црква г.г. Кирил на денешната средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во неговата резиденција во Кремљ, Москва нагласи дека е подготвен да вложи напори за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА.
 
Г.г. Кирил смета дека изнаоѓањето компромис може да доведе до решавање на ова прашање.
 
- Изнаоѓањето патишта за канонизација на МПЦ е многу важно во овој момент. Канонскиот статус на вашата црква е од голема важност затоа што ќе го обезбеди македонскиот идентитет, јазик и култура, рече рускиот патријарх г.г Кирил.
 
Според него, тоа што МПЦ е надвор од семејството на канонските цркви, ја ослабува позицијата на МПЦ. 
 
Рускиот патријарх позитивно ги оцени дваесетите години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, потенцирајќи меѓудругото дека главен извор на нашата заедничка историја се браќата просветители Кирил и Методиј. Г.г Кирил најави дека ќе подарат книжевен фонд на манастирот Трескаевц.
 
Иванов,  поздравувајќи го архиепископот и свештенството на МПЦ-ОА потенцираше дека нашата црква е жива црква. 
 
- Ние сме политичари со мандат, но црковните прашања немаат мандат. Тие се решаваат во долги периоди, рече Иванов.
 
Претседателот истакна дека сепак како политичари треба да создаваат амбиент да дојде до комуникации меѓу црквите и да поттикнат дијалогот за да се дојде до решение. 
 
- Она што е христијанска доблест трпението треба да го имаат предвид и нашите верници дека секој пат црковните прашања постепено преку дијалог и создавање доверба да наоѓаат решение, рече Иванов.
 
Тој изрази надеж дека средбата со рускиот патријарх ќе биде во корист токму на тој воспоставен дијалог меѓу црквите за да се нудат решенија во корист на верниците. 
 
Иванов ја оценувајќи неговата втора средба со г.г Кирил како многу конструктивна, истакнувајќи дека рускиот патријарх, како и сите други христијани изразил загриженост за состојбите со христијанството и христијанските вредности особено за она што се случува таму каде што се малцинство. 
 
Претседателот Иванов заедно со сопругата Маја утрово присуствуваше на богослужбата што ја одржа г.г Кирил во Успенскиот храм во Кремљ, а е во рамки на неговата планирана посета на Руската федерација  по повод одбележувањето 20 години од воспоставување на дипломатските односи.
09.02.2014 - 12:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега