Радост за симпатизерите на хокејот во Македонија - прв официјален меч по пауза од цели 25 години

Викендов во спортската сала „Борис Трајковски“ ќе имаме можност да го проследиме хокеарското Државно првенство. Ова воедно ќе претставува можност за симпатизерите на хокејот да проследат и прв официјален хокеарски меч по пауза од 25 години, кога последен пат играле македонски екипи во тогаш југословенската лига.

Директорот на СЦ „Борис Трајковски“ истакна дека вложените средства и напори за враќање на хокејот во Македонија на старите патеки, ги даваат првичните резултати.  

- Подолго време заедно со Хокеј федерацијата се залагавме за реализација на овој проект. Целта ни е преку овој настан Хокеј федерацијата на Македонија да влезе во поблиска фаза на соработка со Интернационалната хокеј федерација од каде ќе може да влече големи искуства, да биде едуцирана со менаџмент, а исто така да добие и финансиска поддршка за развивање на клубовите кои се во почетната фаза на развој. Како СЦ Борис Трајковски сме задоволни од поставувањето на темелите во овој спорт, а согласно моите анализи ќе треба уште долго да се работи. Моја проекција е десет години за достигнување на големи резултати, истакна Капушевски.

И првиот човек на хокеарската федерација на Македонија Никола Тасев не го криеше задоволството од заживувањето на овој спорт во нашата земја. 

- Во првото Државно првенство ќе учествуваат четири екипи, три македонски (Вардар, Металург и Фаворит Кико, како и екипата на Ред Стар од Бугарија, но тенденција ни е во иднина да вклучиме уште некој клуб од регионот. На овој начин функционираат и другите држави во поширокиот регион поради ограничениот број на хокеарски екипи, изјави Тасев. Натпревари ќе се играат овој викенд и уште еден при крајот на февруари, и уште еден или два викенда во март.

Распоред на натпреварите:

Петок 7 февруари: (21 часот) Вардар - Металург, (22:30) Ред Стар - Фаворит.

Сабота 8 февруари: (9 часот) Фаворит Кико - Вардар, (10:30) Металург - Ред Стар.

Недела 9 февруари: (9 часот) Ред Стар - Вардар, (10:30) Фаворит Кико - Металург.

06.02.2014 - 15:11
Фото: 
Плусинфо

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега