Ховит бара ЕУ да ја награди Македонија со статус на „функционална пазарна економија"
Известувачот за Република Македонија од Европарламентот, Ричард Ховит, смета дека ЕУ треба да ја награди „ПЈР Македонија“ со статус на „функционална пазарна економија" ако се земат во предвид тоа што земјата има поголема економска слобода од над половина од сегашните земји-членки на Унијата.
Во изјава за МИА, Ховит го повика и Грчкото претседателство на ЕУ да се стави крај на ќор-сокакот со земјата и апелираше да внесе нова динамика и поттик во напредокот на земјата кон пристапувањето во Унијата.
- Предлагот за доделување на статусот „функционална пазарна економија" ќе ја направи земјата прва во регионот со таков статус. Индексот за економска слобода, објавен во Вол Стрит журнал минатиот месец, веќе ја става Македонија пред не помалку од 13 земји кои се веќе членки на ЕУ. Доделувањето на овој статус може да помогне да се обезбедат странските инвестиции во земјата и претставува можност целосно во рамките на привилегија на Европската комисија да се направи конкретен чекор напред во интерес на идното членство на земјата во ЕУ, вели известувачот за Македонија од ЕП, Ричард Ховит.
Ховит додава и дека една деценија по претходното Грчкото претседателство, кога на специјалниот Самит во Солун се утврди перспективата за членство во Европската унија на сите земји од Западен Балкан, годинашното претседателство се чини е идеално време да се обнови ветувањето за земјата која е веројатно најмногу задржувана во процесот.
- На прашањето за името, јас секогаш се спротивставував на изјавите во Европскиот парламент што може да ја комплицираат помошта во решавањето на спорот. Но, оваа година, по речиси дваесетгодишни напори, се надевам дека може да се помогне оти мојот извештај за прв пат во Европскиот парламент фрли сомнеж врз кредибилитетот на рамката на ОН за решавање на спорот со името, вели тој.
Ховит потврдува дека следната недела ќе допатува во Скопје, за да дискутира за исходот од гласањето во Европарламентот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа