Над 52 милиони патници се качиле во автобусите на ЈСП

 

Во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во 2012 година се возеле околу 52 милиона патници. Според бројките од последниот Годишен извештај за работењето на претпријатието, во 2012 се возеле четири милиони повеќе отколку пред пет години, пренесува „Дневник“.

На жичницата „Милениумски крст“ пак, се качиле 278.000 луѓе.

Менаџментот на претпријатието појаснил дека во оваа бројка, не го опфаќа бесплатното возење на стари лица над 62 односно 64 години, како и на деца под шест години, бидејќи за нив не се издава билет .Во вкупната бројка влегуваат оние кои користат претплатни билети, како ученичко-студентски, луѓе што се дел од групни возења, возрасните и пензионерите кои плаќаат карти, фабричките договорни возења, корисниците на еднодневните, месечните и на годишните карти и други.

Сепак, и покрај големата бројка на превезени, ЈСП не продало толку многу билети, бидејќи едни луѓе користат месечни, други годишни карти, некои се возат во договорени тури или станува збор за ученици од средно училиште, чие возење го субвенционира Министерството за образование. 

Првиот човек на ЈСП, Мишо Николов смета дека зголемената бројка на корисници на услугите на претпријатието е резултат на обновата на возниот парк, но и на други фактори.

-За ваквите позитивни трендови придонесуваат и многутепозитивни придвижувања во Градот Скопје, од кои би ги издвоил: лиценцирањето на такси-превозот, изградбата и проширувањето на голем број булевари по кои се движат градските автобуси и воведување нови и продолжување постојни линии, истакнал Николов за „Дневник“.

Автобусите на ЈСП во 2012 година поминале вкупно 17,3 милиони километри, речиси еден милион повеќе отколку во 2011 година. Според статистиката, дневно еден автобус во просек минувал по 236 километри, а еден возач поминувал 84 километри.

06.02.2014 - 12:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега