Бугарските и грчките европратеници ќе ја нападнат Резолуцијата за Македонија

 

Бугарските и грчките европратеници повторно ќе се обидат да интервенираат во Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Македонија, која европскиот законодавен дом во вторник (22 мај) ќе ја усвојува на пленарна сесија во Стразбур, јави дописникот на МИА од Брисел. Со дузина амадмани, кои треба да се поднесат најдоцна до понеделник навечер, грчко-бугарскиот анти-македонски сојуз во ЕП се очекува да се обиде драстично, во негативна смисла, да ја смени Резолуцијата на Европарламентот за нашата земја, а која минатиот месец беше усвоена на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) при ЕП.

Известувачот за Македонија од Европскиот парламент Ричард Ховит, поради приватни причини, е во Велика Британија и е недостапен за коментар, но тој се очекува идната недела во Стразбур да го брани својот извештај, кој и онака претрпе измени поради рекордните 203 амадмани кои Грците и Бугарите ги поднесоа пред усвојувањето на Резолуцијата за нашата земја на АФЕТ. Сепак, од кабинетот на британскиот европратеник не известија дека Ховит се надева оти текстот изгласан на парламентарниот Комитет за надворешни работи нема да претрпи драстични измени и дека нема да има голем број амандмани при гласањето на пленарната сесија.

Инаку, во Резолуцијата за Македонија усвоена на АФЕТ минатиот месец, европратениците усвоија вкупно 20 компромисни и 50 други амадмани, при што најважно е тоа дека го повикуаа Ирското претседателство со Советот на ЕУ да спроведе интензивна дипломатија за да се постигне задоволувачки исход и одлука за почеток на преговори со Македонија пред крајот на јуни 2013 година. Во текстот се наведува дека почетокот на преговорите може да ја „промени играта“ со обезбедување позитивен импулс и ефикасен инструмент за натамошни реформи, подобрување на внатрешната ситуација, олеснување на меѓуетничкиот дијалог и промовирање поволни односи со соседите.

Во оваа Резолуција, чиј текст може да претрпи дополнителни измени при гласањето на пленарната сесија, европратениците потврдија дека добрососедските односи се „суштинските столбови во процесот на пристапување во ЕУ“. А, во однос на случувањата во Македонија по 24 декември, европратениците испраќаат повик до сите партии да продолжат со политичкиот дијалог и да ја нагласат потребата за широка меѓупартиска поддршка и ангажман во спроведувањето на агендата на ЕУ.

Во самата резолуција за Македонија се најдоа и лицата со бугарски идентитет, во однос на барањата и охрабрувањето на мерките за историско помирување меѓу етничките групи, а она што е неповолно за нас е повикот за воспоставување на заеднички експертски комисии за историјата и образованието меѓу нашата земја и Бугарија. А, со договор на политичките групи, за да не се помисли дека ЕП има унилатерална позиција во спорот за името, се користи само еднаш терминот „Македонци” и референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија”.

Сегашните настојувања на бугарско-грчките пратеници во ЕП е настаните од 24 декември посилно да се одбележат, со тоа што би се посочило дека Комисијата за истрага на овие настани во Македонија уште не е формирана, па би се истакнал моментот дека „земјата нема демократски капацитет”. Оваа формулација, наводно, се подготвуваат да ја употребат и грчкиот и бугарскиот министер за надворешни работи на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) идната недела, каде првпат ќе се разговара за можноста за доделување датум за преговори на Македонија, а со цел да го оправдаат новото вето.

Предводници на кампањата за интервенција со поригидни оценки на Македонија во Резолуцијата на Европарламентот се Андреј Ковачев, Евгени Кирилов и Станимир Илчев од бугарскиот, односно Николаос Салавракос, Јорго Кумуцакос и Марија-Елени Копа од грчкиот табор. Дописникот на МИА од Брисел ги контактираше овие европратеници, но никој не сакаше да каже дали ќе поднесат амадмани и какви ќе бидат истите, со тоа што од канцелаирјата на Кирилов добивме одговор дека тој “никогаш предвреме не ги открива своите следни чекори“.

За да им пројдат амадманите на претставниците на нашите соседни земји во ЕП на пленарната сесија им е потребна поддршка од пратеничка група во Европарламентот или пак поддршка од најмалку 40 пратеници. Во Европскиот парламент има седум парламентарни групи: Европските народни партии (ЕПП), Алијансата на социјалисти и демократи (СиД), Алијанса на либерали и демократи (АЛДЕ), Група на зелените и на слободната алијанса (Вертс/АЛЕ), Група на конфедералците и нордиско-зелените левичари (ГУЕ/НГЛ), Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Групата за слобода и демократија (ЕФД).

Со оглед на тоа што во секоја од овие групи има парламентарци од различни земји, меѓу кои и поддржувачи или пријатели на Македонија, јасно е дека Грците и Бугарите не можат да успеат да издејствуваат нивна поддршка за анти-македонски амадмани на Резолуцијата, па извесно е дека ќе одат со поддршка од 40 европратеници. А, во Европскиот парламент има точно 40 пратеници од Бугарија и Грција. Бугарите имаат 18, а Грците 22 европратеници што е доволно за со поддршка од нивните потписи да поднесат колку што сакаат амандмани на Резолуцијата за Македонија.

Но, ако се знае дека во бугарскиот кампус во Европарламентот има и пратеници што не се согласуваат со ригидната анти-македонска кампања што ја спроведуваат нивните колеги, како на пример социјал-демократот Кристијан Вигенин, евентуална ескиважа на некој од овие пратеници, бугарско-грчкиот табор се очекува да ја пополнат со некој од шест пратеници од Кипар кои досега се покажаа дека стојат целосно на услуга на Грците кога треба да се поддржи некаков нивен предлог при гласањето во европскиот законодавен дом и со други пратеници од останатите ЕУ-земји што со благонаклоност гледаат на политиките на овие две земји.

За изгласување на Резолуцијата за Македонија во Европскиот парламент е потребно да гласаат апсолутно мнозинство од присутните парламентарци (кои ги има вкупно 754) на пленарната сесија во вторник во Стразбур. Инаку, во однос на проширувањето на Унијата, ЕП има правни овластувања само кога треба да даде согласност пред почетокот на пристапните преговори и на крајот пред потпишувањето на пристапниот договор на една земја со ЕУ. Резолуциите се сметаат главно за политички пораки, па се смета дека во случај Европарламентот да гласа во корист на некоја земја (како што е случај досега со Македонија), тогаш тоа е добро, но не може многу да помогне, но ако гласа негативно - тогаш тоа може да предизвика штета.

МИА

најчитано сега