Во буџетот на ДИК над 240 милиони денари за претседателските избори

 

Државната изборна комисија денеска ja прифати одлуката за утврдување на трошоците за изборните активности на претстојните претседателски избори. Во буџетот на ДИК за одржување на претседателските избори се предвидени 245 милиони и 430 илјади денари.

Претседателот на ДИК Никола Рилкоски изрази двоумење за тоа дали сега треба да се расправа за измена на изгледот на ИС и притоа предложи таа да се разгледа на друга седница по завршувањето на претстојните избори. Дополнително потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи побара Избирачкиот список да биде двојазичен во општините каде припадниците на етничките заедници се над 20 проценти, а тоа според него е во 33 општини. Според него, ДИК е надлежна за изгледот на Избирачкиот список.

Влатко Сајковски, член на ДИК, апелираше на, како што рече, побрза проактивност во правец да не се закочи работата со печатењето на изводите од Избирачкиот список. - Ова прашање треба да биде разрешено што е можно поскоро, рече Сајковски.  

ДИК ја прифати одлуката јавен повик за гласање на државјаните на Македонија кои се на привремена работа во странство и за пријавување за гласање на претседателските избори да биде објавен во најтиражните весници. Образецот за пријавување за гласање може да се преземе од веб страната на ДИК и од македонските дипломатски претставништва во светот. Првпат македонските државјани во странство ќе можат да гласаат за претседател на државата.

Над 68.000 лица кои не живеат во државата подолго време во Избирачкиот список се обележани со ѕвездичка, но сите други кои се иселиле од државата а кои сакаат да гласаат ќе треба да достават законска дозвола за престој и дозвола за работа. Дополнително ДИК ќе донесе упатство за гласање на дијаспората. Во изборните единици седум, осум и девет каде што гласа дијаспората, изјаснувањето ќе биде на 12 април, ден пред првиот круг од претседателските избори.

 

05.02.2014 - 15:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега