Сарачини: Измените за минерални суровини се направени на барање на концесионерите и бизнисмените
Измените на Законот за минерални суровини се направени на барање на бизнис заедницата, изјави денеска министерот за економија Ваљон Сарачини во врска со барањето на Македонската асоцијација на рударство наместо измени да се донесе сосема нов закон.
- Морам да потенцирам дека и минатите измени и дополнувања на Законот за минерални суровини беа донесени на барање на концесионерите и бизнисмените. Имавме неколку јавни дебати и откога се усогласивме со бизнис заедницата, законот беше пуштен во владина процедура и потоа беше изгласан во Собранието. Бизнисмените кои сега бараат нов закон, беа присутни на јавната дебата во Собранието и самите го пофалија законот како еден од најдобрите. Како резултат на тие измени и дополнувања на законот, скратувањето на процедурите и административните бариери го имаме најголемиот пакет за доделување концесии за детални геолошки истражувања, рече Сарачини.
- Доколку концесионерот добие од некоја друга компанија понуда со повисока цена од берзанската, слободно може да го продаде златото на таа компанија. Ние не бараме ништо надвор од бизнис логиката, само во услови кога државата ќе побара да го откупи златото бараме да имаме првенствено право при еднакви цени на златото. Значи, бараме да го откупиме златото по берзански цени, потенцира Сарачини по денешната прес-конференција за доделување концесии за геолошки истражувања на минерални суровини.